/ Прочитано:

3.211

Нов закон за користењето и располагањето со недвижните и движните ствари во државна сопственост

Четврток, 23 април 2015 – Предлогот на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост се наоѓа во собраниска процедура. Со Предлогот на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост се уредува начинот, условите и постапката за користење и располагање со недвижните и движните ствари што ги користат државните органи и правните лица основани од државата.

„Законот за користење и располагање со стварите на државните органи е донесен во 2005 година и досега повеќе пати е менуван и дополнуван. Поради тоа се наметна потребата од донесување на нов закон  со кој ќе се уредат односите во сферата на  набавката,  користењето и располагањето со стварите на државните органи и правните лица основани  од државата“, стои во законското образложение.

Со Предлогот на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост  попрецизно се уредуваат условите и начинот за набавка на недвижни и ствари, начинот на користење и располагање со стварите на државните органи,  при што  подетално се уредуваат начинот на престанок и давањето на користење на недвижни ствари на државни органи и правни лица основани од државата и на единиците на локалната самоуправа, како и давањето во сопственост на недвижни ствари на единиците на локалната самоуправа.

Предлогот на Законот ја уредува прецизно и постапката за продажба на недвижните ствари во државна сопственост, што ги користат државните органи, преку електронска постапка за јавно наддавање, што обезбедува транспарентност на постапката за продажба, како и дефинирање на прецизни услови за продажба со непосредна спогодба.

Предлогот на Законот го уредува и начинот на размена на недвижни стари меѓу државни органи, правни лица основани од државата, општини и трети лица со цел стекнување недвижности кои ќе ги задоволат потребите на државните органи и другите институции; потоа  се уредува постапката за издавање недвижни ствари под закуп на која соодветно се применуваат одредбите од Законот кои се однесуваат на постапката за продажба со електронско јавно наддавање.

Исто така, со Законот се регулираат и начинот и постапката за давање и престанок на користење на движни ствари, како и располагањето со нив преку продажба и размена на движни ствари  како  пренесување во сопственост  на општини и други субјекти.

Со овој Предлог на Законот се уредуваат и условите, начинот и постапката за примање и давање дарови од страна на државните органи, функционерите и претставниците на државните органи.

M.В