/ Прочитано:

2.270

Нова европска регулатива за поголема заштита на личните податоци и почитување на правото на приватност

Европската комисија предлага регулатива за поголема заштита на електронските комуникации и заострување на правилата кои се однесуваат на безбедноста на личните податоци.

akad 4

Европската комисија бара електронските комуникации да гарантираат доверливост на разговорите помеѓу корисниците, а особено помеѓу граѓаните и деловните субјекти. Како што велат од Европската комисија, целта на предлогот е да се создаде сеопфатна законска рамка за заштита на приватноста, со што ќе се зголеми сигурноста и довербата во комуникациските услуги.

„Предложената нова регулатива за приватноста ќе овозможи зголемување на заштитата на приватниот живот на луѓето, како и создавање на нови можности за бизнисот од аспект на важноста на доверливоста на податоците“, истакнуваат од Европската комисија.

Предлогот на ЕК предвидува  правила кои се однесуваат на телекомуникациските оператори, но се прошируваат и на интернет-компаниите кои нудат услуги за повици и за испраќање и добивање пораки преку интернет.

Минатата година Европскиот парламент го усвои реформскиот пакет за заштита на личните податоци, чија главна цел е обезбедување поголема заштита на личните податоци. Европската регулатива за заштита на податоците е воспоставена од 1995 година. Директивата за заштита на личните податоци на Европската Унија гарантира ефективна заштита на фундаменталните човекови права кои се однесуваат на личните податоци.

Воспоставувањето на нова и сеопфатна европска регулатива, велат од Европската комисија, ќе значи подобрување во ефективната примена на Директивата, модернизирање на нејзините принципи, подобро извршување на правилата, зајакнување на индивидуалните права, како и зајакнување на внатрешниот пазар на Европската Унија.

Заштитата на лични податоци е една од фундаменталните вредности на Европската Унија и аспект на човековите права на кој Унијата му посветува големо внимание. ЕУ има донесено неколку директиви кои се однесуваат на заштитата на личните податоци, меѓу кои најважна е Директивата бр. 46/95, а понатаму и Директивата 2002/58/ЕЗ која е во врска со обработката на личните податоци и заштитата на приватноста во секторот за електронски комуникации (Директива за приватност и електронски комуникации) и Директивата 2006/24/ЕЗ за задржување на податоци што се создадени или се обработени во врска со обезбедувањето јавно достапни електронски комуникациски услуги или јавни комуникациски мрежи. Според правото на Европската Унија, заштитата на податоците првпат е регулирана со Директивата за заштита на податоците. Според правото на ЕУ, заштитата на податоците е признаена како основно право.

Со цел да се обезбеди целосна и доследна примена на законодавството на ЕУ за заштитата на личните податоци од страна на нејзините земји членки или пак од институциите на ЕУ, формирани се контролни тела и надзорни органи, како што се: Работната група 29 и Европскиот надзорен орган за заштита на личните податоци.

Во Европската Унија има неколку тела кои работат со голем обем на лични податоци. Такви се: Шенгенскиот информационен систем, кој е надлежен за контрола на надворешните граници на Европската Унија, Европол – Европската агенција за соработка на органите за борба со криминалот и Европравда – Европската организација за меѓународна правна помош и соработка на судските органи и обвинителствата од различни земји.

За евентуалните спорови против институциите на Европската Унија од областа на заштитата на личните податоци, како и за толкување на нормите кои се однесуваат на истата област, надлежен е Европскиот суд на правдата. Судот на правдата на Европската Унија со седиште во Луксембург е надлежен да утврди дали некоја држава членка ги исполнила своите обврски од Директивата за заштита на податоците и дали донесува првична одлука во врска со валидноста и толкувањето на Директивата со цел да осигури нејзина делотворна и еднаква примена.

Тргнувајќи од стратешката определба на Република Македонија за идно членство во Европската Унија, велат од Агенцијата за електронски комуникации, неминовна е потребата од постојано усогласување на законската рамка за електронски комуникации со регулативата на ЕУ. Добрата регулаторна политика, велат од АЕК, е предуслов за ефикасен развој на пазарот на електронски комуникации, а проширувањето на активностите во врска со безбедноста и интегритетот на мрежите е од голема важност за државата.

M.В