/ Прочитано:

1.840

Нови критериуми за плаќање на еколошки надомест при регистрација на возилата

Вторник, 5 ноември 2013 – Години на старост на возилото, зафатнина на моторот и видот на горивото кое го користи возилото – тоа се новите критериуми за плаќање на надомест за заштита на животната средина кои ги предвидуваат предложените измени на Законот за заштита на животна средина.

Се поставува прашањето дали тоа ќе значи плаќање на повисок данок за сопствениците на постари возила и на возилата кои ги поседуваат утврдените критериуми.

На ова прашање од Министерството за животна средина за Академик децидно велат дека интенција на Владата и Министерството е овој надомест да не се зголемува, но со оглед на тоа дека предлогот се наоѓа во процедура на усвојување не се исклучени различни варијации.

„Со предложените измени се врши измена на начинот на пресметување на надоместокот односно за разлика од досега при определување на надоместокот наместо еден критериум надоместокот ќе биде определен земајќи ги во предвид следните критериуми и тоа: години на старост на возилото, зафатнина на моторот и видот на горивото кое го користи возилото. Во зависност од наведените критериуми ќе зависи и висината на надоместокот. При тоа треба да се укаже дека за возила со понов датум на производство, како и со помала зафатнина на моторот кои помалку придонесуваат кон загадување на животната средина ќе се плаќа помал надоместок. Исто така особено е значајно да се истакне дека при определување на надоместокот ќе се земе во предвид и видот на горивото кое го користи возилото затоа што возилата кои користат горива придонесуваат повеќе кон загадување на животната средина.

Она што е значајно да се укаже е дека со измената на начинот на пресметување на надоместокот нема да се зголеми надоместокот туку ќе се придонесе кон намалување на надоместокот за оние возила кои во зависност од горенаведените критериуми придонесуваат кон помало загадување на животната средина“, се вели во Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за животната средина.

Од Здружението на возачи на Град Скопје најавуваат дека предлогот ќе биде сериозно разгледан и наскоро ќе излезат со свој став по однос на ова прашање.

Каде ќе завршат и како ќе се  употребат парите од надоместоците за да се заштити животната средина?

Во предложените измени се нормира методологијата на „собирање“ на надоместокот. Според нив, надоместокот за заштита на животна средина ќе се уплаќа директно на сметка на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, односно директно преку систем за електронско плаќање на правното лице кое врши технички преглед на возилата.

„Парите од надоместокот за заштита на животна средина влегуваат во Програмата за инвестиции во животната средина која се усвојува еднаш годишно. Значи и финансиските средства за заштита на животната средина се определени и се во функција на оваа Програма“, велат од Министерството за животна средина.

(М. В.)