/ Прочитано:

1.122

НOВИ ПОКОЛЕНИЈА, НОВИ ПРАВИЛА: Поголемо разбирање на генерациското „јас“ за надминување на генерацискиот јаз

Правничкото поколение родено по 1980 година почна да ги полни адвокатските канцеларии и судниците. Неговите знаења и умеења значително се разликуваат од оние на неговите претходници: приоритетите на денешната правничка младина се чинат сосема далечни од интересите на оние што се образувале и што се воспитувале сред општествено-економскиот залет по Втората светска војна. Партнерите во современите адвокатски друштва мора да ги препознаат интересите на младите правници, со цел соодветно да се постават кон нив. Анализирајќи ги клучните особености на новите генерации, меѓународниот гигант „Тејлор Весинг“, една од највлијателните адвокатски куќи во светот, во посебен извештај ги проектира промените во адвокатското друштво на иднината. Основната препорака: изострен слух за младите!

Правничкиот подмладок на генерациите родени по 1980 година, во научните кругови популарно обединети како „деца на новиот милениум“, почна да ги полни адвокатските канцеларии и судниците. Начинот на којшто тие го стекнувале своето знаење во многу погледи се разликува од оној на нивните претходници, а преку инаквите светогледи едновремено воведуваат и изменети работни практики. Нивните приоритети се чинат целосно далечни од желбите и од интересите на оние што се образувале и што се воспитувале сред општествено-економскиот залет во Европа по Втората светска војна. Партнерите во современите адвокатски друштва по секоја цена треба да настојуваат на препознавање на интересите на своите млади колеги за да можат соодветно да се постават кон нив, укажуваат експертите на меѓународниот адвокатски гигант „Тејлор Весинг“.

Според нив, младиот правник е свесен за својот талент и за својата правничка вредност на пазарот. Тој е широко образован, одлучен во намерата да постигне рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот, сигурен е во вештините и во компетенциите што ги има стекнато и има јасна претстава за она што сака да го работи, како и за она што намерува да го создава. Погрешно е да се смета дека оваа генерација строго ќе го следи патот на своите претходници. Ако не успеат да ги инспирираат и да ги мотивираат младите, адвокатските канцеларии ќе си наметнат закана од конкуренцијата што стратегиски умее да се постави на пазарот. Сред сè поголемата борба за талентирани правници стануваат очигледни неколку клучни моменти зошто треба да се вложи труд во професионалното унапредување на подмладокот.

Големите правни фирми и адвокатските друштва зачестено ќе се соочуваат со потребата од преиспитување на својата политика на вработување и на привлекување таленти. Ако се има предвид фактот дека младите засилено внимаваат на урамнотежувањето на работните и семејните обврски, во иднина треба да се очекува оти подмладокот сам по себе ќе се приклонува кон нови практики во работното секојдневие. Како што ќе ја презема одговорноста за односот клиент-адвокат, така новините ќе допираат сè повеќе аспекти на правничкото работење: вредностите што ги застапува едно друштво на пазарот; ветувањата што им ги дава на своите клиенти; перцепцијата што ја има за способностите и за компетенциите на своите вработени; начинот на кој адвокатите од друштвото се дефинираат себеси како професионалци, итн.

Ако сакаат да го мотивираат и да го задржат подмладокот, партнерите во адвокатските друштва треба да одвојат доволно време за следење на работата на своите помлади колеги, редовно да дискутираат со нив за нивниот застој или за постигнатиот успех, како и да бидат транспарентни во врска со шансите за напредок во друштвото. Во тој дух, овие промени изискуваат и соодветно менаџирање на очекувањата. Младите правници се верни и имаат волја да ѝ се посветат на фирмата во којашто работат, меѓутоа за возврат од постарите очекуваат да бидат еднакво доверливи. Меѓусебната доверба нема да дозволи младиот адвокат да помисли дека е само уште една алка во трката на својот претпоставен за профит и дека угледот на фирмата се јакне врз неговиот грб. Напротив, младите сакаат да бидат дел од тим и да бидат информирани за секоја одлука што на кој било начин би можела да влијае врз стратегијата на друштвото.

Како ќе се постават современите адвокатски друштва кон младите правници сериозно ќе влијае врз нивниот углед. Приспособувањето бара од нив длабоко разбирање на промените поттикнати од духот на новото време и, во иста мера, развиена смисла за лидерство, којашто ќе роди соодветни решенија за дејствување. Многумина од постарите генерации ќе помислат дека овие проекции одат многу подалеку од стварноста на времето кога тие биле млади, па може и да не ги прифатат. Сепак, сегашноста покажува дека младите се доволно мобилни и самоуверени да го сменат работното место ако тоа не ги одразува нивните замисли. Оттаму, главната препорака на експертите е да не се замижува пред потребите на новите генерации и уште толку повеќе да се изостри слухот за нивните идеи зашто тие треба да ја придвижат фелата нанапред.


Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 26.12.2014