/ Прочитано:

1.585

Нови законски измени против нелојалната конкуренција во трговијата со автомобили

Понеделник, 30 март 2015 – Министерството за економија најавува дека во подготовка се нови законски измени на Законот за трговија со кои би се оневозможила нелојалната конкуренција во однос на трговијата со автомобили.

„Трговијата со употребувани моторни возила се одвива во согласност со Законот за трговија и подзаконските акти донесени врз основа на истиот. Според постојните одредби,  трговија со употребувани моторни возила можат да вршат правните и физичките лица кои се регистрирани за трговија со употребувани моторни возила во Централниот регистар“, објаснуваат од Министерството за економија.

Според министерството, праксата покажала дека трговијата со употребувани моторни возила се вршела преку дилерите регистрирани за трговија со употребувани моторни возила, но исто така се вршела и од страна на физички лица граѓани кои вршат увоз на употребувани моторни возила за свои потреби, а потоа нив ги препродаваат на домашниот пазар.

„Овие лица  не се регистрирани за трговија и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните дилери“ велат од Министерството за економија, од каде што додаваат дека целта на Законот е да се оневозможи таквата нелојална конкуренција.

„Целта на Законот е да се овозможи преку воспоставување на правна  законска рамка да не се дозволи нелојална конкуренција при трговијата со употребувани моторни возила и да се постигне одреден напредок во сузбивање на сивата  економија, како и да се створат еднакви услови за вршење на трговијата со употребувани моторни возила“, укажуваат од Министерството за економија.

 M.В