/ Прочитано:

1.586

Новинар во Британија открива хаос во затворите

Во текот на двата месеци поминати во затворот, новинарот Џо Фентон ја искористил можноста да направи видео- и фотодокументација, така што на една снимка се забележува како еден од чуварите паѓа на подот откако случајно вдишал евтина синтетичка дрога која е алтернатива на канабисот кој го има во големи количества во затворот. Од неговите снимки, исто така, можат да се видат затвореници што лежат во несвест од консумирање дрога, службеници кои се оставени сами на себе да контролираат голема група затвореници, закани од затворениците кон персоналот итн.

Британскиот истражувачки новинар, Џо Фентон во улога на таен агент поминал два месеци во еден од најголемите затвори во Англија „Нортамберленд“. Затворот е отворен во 1972 година, се наоѓа во близина на селото Аклингтон и во него се сместени повеќе од 1 300 затвореници. Во периодот што го поминал таму открил масовна употреба на дрога, слаба контрола од страна на затворската служба, аларми на вратите кои работат во еден блок, а во други не, дупки во внатрешните огради итн.

Чуварите во затворот често наоѓале фантом-маски, ножици за сечење ограда, црни ракавици, кои најверојатно биле внесени со шверцување. Затворениците честопати бегале низ оградата да земат дрога и да ја внесат во затворот. Фентон, кој бил вработен како службеник во затворот задолжен за притворениците, ги открил овие работи во еден од блоковите каде што затворениците се подготвуваат да бидат префрлени во друго одделение од отворен тип, каде што вратите од ќелиите не се заклучуваат.

Во текот на двата месеци поминати во затворот, тој ја искористил можноста да направи видео- и фотодокументација, така што на една снимка се забележува како еден од чуварите паѓа на подот откако случајно вдишал евтина синтетичка дрога која е алтернатива на канабисот кој го има во големи количества во затворот.

Од неговите снимки, исто така, можат да се видат затвореници што лежат во несвест од консумирање дрога, службеници кои се оставени сами на себе да контролираат голема група затвореници, закани од затворениците кон персоналот итн.

Затворот „Нортамберленд“ е приватизиран во 2014 година од страна на Компанијата за правни услуги „Содексо“ поради тоа што Владата во тој период имала за цел да скрати 500 милиони фунти од буџетот за затворите.

За да го добијат стопанисувањето со затворот, од „Содексо“ се обврзале дека ќе платат данок од 130 милиони фунти во наредните 15 години, но за сметка на тоа тие отпуштиле 200 вработени, од кои 96 биле затворски службеници. Претседателката на Здружението на затвори, Андреа Албат, за „Би-би-си“ изјавила дека отпуштањето на толку голем број службеници претставува свесно губење на контролата во затворот, што подразбира и зголемено насилство меѓу затворската популација.

Од 2004 до 2016 година била извршена анализа за тоа како се чувствуваат затворениците во затворите и за користењето на дрога во затворите. Емисијата „Панорама“ од ТВ „Би-би-си“, која се занимава со истражување на актуелни настани во Велика Британија, во согласност со анализата објавила дека во 2016 година повеќе од 50 % од затворениците се согласуваат дека е многу лесно да се внесе дрога во затворите и дека не се чувствуваат сигурни во затворот, за разлика од ситуацијата во 2004 година кога тој процент изнесувал од 25 до 30%.

С. М.