/ Прочитано:

862

НОВИНАРИТЕ ВО ВТОРНИК НА ПРОТЕСТ: „Единствена пресуда за Кежаровски е ослободителна“

Петок, 16 јануари 2015 – Новинарските здруженија најавија протест во вторник во 12.00 часот пред Апелациониот суд Скопје поради одлуката на второстепениот Суд да ја потврди пресудата за новинарот Томислав Кежаровски за случајот „Ликвидација“, притоа само преиначувајќи му ја казната од четири и пол на две години. Единствена пресуда која можеше да биде донесена е ослободителна, а не намалување на казната, истакнуваат тие.

„Апелацискиот суд со пресудата за новинарот Томислав Кежаровски се обиде да ја поправи грешката што ја направија претходните судски инстанци, каде што тој беше осуден на 4 и пол  години затвор. Единствена пресуда која можеше да биде донесена е ослободителна, а не намалување на две години затвор. Одлуката има за цел да покаже дека Судот се смилува. Тоа за нас е неприфатливо и е огромна штета за слободата на говорот и медиумите. За нас слободата на Кежаровски е безусловна. Таа е наша слобода бидејќи сите сме Кежаровски. И јас сум Кежаровски“, изјави денеска пред Апелациониот суд, претседателот на  Здружението на новинари, Насер Селмани.

Според Селмани, со оваа одлука Апелација всушност  направила политички калкулации.

„Наместо Судот да води сметка дека новинарот не направи ништо лошо, туку сакаше да открие злоупотреба на јавните институции, одлучи да го спаси образот на тие што направија погрешна процена дека затворањето на новинар во Македонија може лесно да помине“, рече Селмани.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, истакна дека е Кежаровски новинар што само сакал и што успеал на јавноста да ѝ пренесе дека државите институции од позиција на моќ правеле незаконитости во еден судски процес.

„Што треба уште да се случи? Ве повикувам сите колеги, но и вас, граѓани, да ни се приклучите во борбата за слобода и слобода на говор што сите ја заслужуваме“, истакна. Чаусидис.

Кежаровски во предметот „Ликвидација“ беше обвинет и осуден за издавање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот  „Ореше“ преку два новинарски текстови. 

>> АПЕЛАЦИЈА ГИ ПРЕИНАЧИ КАЗНИТЕ ЗА „ЛИКВИДАЦИЈА“: Две години затвор за Кежаровски


Е. П. / pavlovskae @akademik.com.mk Фото: Наке Батев