/ Прочитано:

824

Новинарот Кежаровски бара да му се укине мерката притвор

Понеделник, 24 јуни 2013Новинарот Томислав Кежаровски, кој беше упасен во рамки на полициската акција „Ликвидација“, денеска преку својот адвокат Филип Медарски до Основниот суд Скопје 1 поднел предлог за укинување на мерката притвор.

Во предлогот, како што објаснува адвокатот Медарски за Академик, како аргумент се посочени два аспекти: првиот се однесува на судската пракса од Судот за човекови права во Стразбур во начинот на определување на мерката притвор, а вториот на влијанието на притворот врз слободата на изразување.

На средбата со новинарите која се одржа на почетокот на месецов, судијата Владимир Туфегџиќ – должен за односи со јавност на Основниот суд Скопје 1, објасни дека на Кежаровски му бил одреден притворот заради опасност од бегство и влијание на сведоците кои во текот на истражната постапка сé уште не се сослушани. Туфегџиќ тогаш посочи дека претходниот адвокат на Кежаровски, кој му беше доделен по службена должност,  не поднел жалба на решението за притвор што го одредил истражниот судија.

Кежаровски кој беше уапсен минатиот месец, се сомничи дека во 2008 година, како новинар во „Репортер 92“, во јавноста изнел информации и податоци за заштитен сведок во случајот „Ореше“, со што го прекршил Законот за заштита на сведоци.