/ Прочитано:

705

Новинарските здруженија со препораки за реформа на медиумскиот простор

Понеделник, 6 октомври 2014 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) поддржани од Меѓународната федерација на новинари (МФН) и Европската федерација на новинари (ЕФН) денеска презентираа препораки за итна реформа на македонскиот медиумски простор.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани на денешната прес-конференција посочи дека е потребно усогласување на домашното законодавство со меѓународните норми за слобода на изразување и обезбедување на негова праведна примена, запирање на притисоците и ограничувањата што се вршат врз одредени медиуми, непристрасност на судовите, обука на судиите, целосна транспаретност на владините медиумски кампањи со јасен јавен интерес заснован врз објективни критериуми, непристрасност на регулаторното тело за медиуми и заштита од партиски и економски влијанија и други. Селмани исто така ја истакна важноста од институционална и финансиска независност на јавниот радиодифузен сервис.

Побара Апелациониот суд да ја преиспита одлуката за случајот со новинарот Кежаровски и да го ослободи и го повика директорот на Агенцијата за безбедност и контраразузнавање да се откаже од надоместокот за клевета за весникот „Фокус“ посочувајќи дека тоа праќа лоша порака за новинарите.

Во случајот Кежаровски се кршат меѓународните новинарски стандарди

Претседателот на Меѓународната федерација на новинари Мојенс Блихе Бјерегард рече дека иднината на новинарството е во слободни медиуми и саморегулација. Слободата на новинарството и медиумите, според него, е во основата на секоја демократија и во секое демократско општество медиумите и новинарите треба да имаат доволно слобода да можат да истражуваат за да и прикажат на јавноста што се случува и да ја информираат соодветно.

Посочи на случајот со новинарот Кежаровски во кој, како што наведе, се кршат и европските и меѓународни новинарски стандарди.

„Европските новинари ќе го поддржат бидејќи тоа е напад врз новинарството, врз нас, врз нашата професија. Денеска организираме настан за изразување на солидарност со Кежаровски на кој ќе ја покажеме нашата поддршка. Исто така  повикуваме да престанат сите прогонства врз новинарите. Најдобро за медиумите е да имаат систем на саморегулација“, изјави Бјерегард.

Во Македонија, во Унгарија, Бугарија и не само таму, според него, се кршат новинарските стандарди и слободата на изразување е под закана и има појава на насилство врз новинари.

Според претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис се додека новинарите работат во услови на корупција, закани и притисоци Македонија нема да има слободно, професионално и независно новинарство, а јавноста ќе биде ускратена од точна, професионална и навремена информација.

ЗНМ, ССНМ и МФН денеска и утре во Скопје организираат регионална средба „Спроведување на кампањи за новинарските права во Источна Европа: регрутирање на членство, правна заштита и социјални права за новинарските здруженија и синдикати низ Централна и Источна Европа.