/ Прочитано:

2.962

Новини во Катастарот за адвокатите, извршителите, нотарите – дополнување на поднесените барања по електронски пат

Агенцијата за катастар на недвижности во 2014 година го воведе електронскиот шалтер за професионалните корисници. Преку електронскиот шалтер со Катастарот денес се поврзани 732 професионални корисници, односно сите нотари, геодетски фирми, општини, извршители, проценители, како и сите државни институции, банки, адвокати и други правни лица кои имаат потреба од податоците од Катастарот или кои креираат документи што се регистрираат во Катастарот.

fotografija

Со воведувањето на оваа апликација, велат од Катастарот, граѓаните и компаниите ја добиваат услугата кај професионалните корисници без притоа да доаѓаат во Катастарот, со што метежот во Катастарот стана минато. Од 2014 година заклучно до денес, преку електронскиот шалтер вкупно се примени над 1,3 милиони предмети.

Во последниот квартал од оваа година, речиси 60 % од предметите примени во Катастарот се доставени по електронски пат, а стратешка цел на Агенцијата е процентот на предмети примени по електронски пат да достигне до 100 %. Во овие 2 години, посочуваат од Катастарот, со интензивно користење на електронскиот шалтер на барање на професионалните корисници се воведоа многу подобрувања и проширувања на системот.

Со новата надградба на електронскиот шалтер, појаснуваат од Катастарот, се овозможува професионалниот корисник по електронски пат да изврши дополнување на поднесените барања во следните случаи:

  • кога професионалниот корисник направил техничка грешка при доставување на предметот по електронски пат;
  • кога професионалниот корисник направил технички грешки во исправите, односно документите кои се правен основ за промена во катастарот (пример: технички грешки во договори, пресуди, наследни решенија итн.);
  • кога професионалниот корисник направил  технички грешки  во описните податоци содржани во геодетскиот елаборат и 
  • кога професионалниот корисник извршил недоволна уплата на надоместокот.

 „Новата функционалност очекуваме да овозможи намалување на одбиените предмети од страна на Катастарот од сегашните 2,3 проценти на под 1 отсто, намалување на трошоците на професионалните корисници за поднесување нови барања, како и зголемување на довербата и правната сигурност меѓу Катастарот и професионалните корисници“,  вели Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Со оваа новина, образложува Трпески, адвокатите, извршителите, нотарите,  геодетите и општините ќе можат да ги поправат грешките што ги направиле во електронските барања што ги поднесуваат до Катастарот во рок од 24 часа.

Новата функционалност на електронскиот шалтер функционира на начин што при решавањето на предметот службеното лице од Катастарот е должно по електронски пат да го извести професионалниот корисник со точно наведување на техничките грешки во поднесеното барање.

По приемот на електронското известување, професионалниот корисник е должен во рок од 24 часа по електронски пат да ги отстрани техничките грешки на начин што ќе достави коригирани електронски документи, односно преку виртуелниот ПОС-терминал на електронскиот шалтер ќе изврши доплата на надоместокот што бил уплатен во недоволен износ.

М.В