/ Прочитано:

10.139

Новините во Законот на парничната постапка за постапката по платен налог

На 31 јануари стапуваат во примена и одредбите од Законот за парничната постапка, кои се однесуваат на постапката по платен налог. Дел од новините во законските измени, а во однос на постапката по платен налог, се однесуваат на постапката по судски платен налог и постапката по приговор по нотарски платен налог.

????????????????????????????????????

Со измените и дополнувањата, називот на посебната парнична постапка се менува и гласи „Постапка по платен налог. Исто така, се додава поднаслов „Постапка по судски платен налог“ и се воведува „судски платен налог“, кој има за цел да направи разлика помеѓу платниот налог што според одредбите на Законот за паричната постапка го издава судот, од нотарскиот платен налог што го издаваат нотарите.

Со измените се утврдува обврската  и временскиот рок за плаќање на судска такса за тужба со предлог за издавање на платен налог. За тужба со предлог за издавање судски платен налог се плаќа судска такса во рок од осум дена, а во спротивно тужбата се смета за повлечена.

Со измените се се предвидува во кој случај судот ќе издаде судски платен налог. Тоа е случајот кога тужбеното барање се однесува на побарување во пари, а тоа побарување се докажува со веродостојна исправа приложена кон тужбата  и ако обврската треба да се исполни во странство.

Исто така, се предвидува дека постапката за издавање на судски платен налог пред првостепениот суд мора да заврши во рок од три месеци, а постапката по жалба  пред второстепениот суд во рок од 30 дена.

Судскиот платен налог го издава судија поединец, односно претседателот на советот без одржување на рочиште.  Во судскиот платен налог судот ќе изрече дека тужениот е должен во рок од осум дена, а во меничните и чековните спорови во рок од три дена по приемот на судскиот платен налог да го исполни барањето на тужбата заедно со трошоците што ги одмерил судот или во истиот рок да поднесе приговори против судскиот платен налог. Во судскиот платен налог судот ќе го предупреди тужениот дека ќе ги отфрли ненавремено поднесените приговори.

Судскиот платен налог се доставува до двете странки.  До тужениот кон судскиот платен налог се доставува и примерок од тужбата со прилозите.

Ако судот не го усвои предлогот за издавање судски платен налог ќе ја продолжи постапката по тужбата. Против решението на судот со кое не се усвојува предлогот за издавање судски платен налог не е дозволена жалба.

Судскиот платен налог тужениот може да го побива само со приговор. Ако судскиот платен налог се побива единствено во поглед на одлуката за трошоците, оваа одлука може да се побива само со жалба против решение.

Ненавремените, нецелосните или недозволените приговори ќе ги отфрли судијата поединец, односно претседателот на советот без одржување на рочиште.

Во приговорот странката е должна да ги наведе фактите и доказите во поглед на побиваниот дел од судскиот платен налог.

Со измените се предвидува кои исправи се сметаат како веродостојни исправи во постапката по платен налог. Како веродостојни испави се сметаат јавни исправи, меници и чекови со протест и со повратни сметки ако тие се потребни за засновање на барање, фактури, и исправи кои според посебни прописи имаат значење на јавни исправи.

Со измените се додава нов наслов „Постапка по приговор по нотарски платен налог“ и се додаваат три нови члена со кои се определува дека по приговор на решението за издавање на нотарски платен налог одлучува надлежен суд согласно одредбите од законот, и дека нотарот е должен предметот со сите списи да ги достави до надлежниот основен суд во рок од три дена од денот на приемот на приговорот. Ненавремените, нецелосните или недозволените приговори на нотарскиот платен налог, ќе ги отфрли судијата поединец, односно претседателот на советот без одржување на рочиште. Исто така, се пропишува дека против решението на нотарот за издавање на нотарски платен налог по одлуката за трошоците како и против одлуката на нотарот по предлогот за укинување на клаузулата на правосилност и извршност, дозволен е приговор во рок од осум дена, преку нотарот до основниот суд на чие подрачје е седиштето на нотарот. Против решението на судот е дозволена жалба во рок од осум дена до надлежниот апелационен суд.

Во измените се пропишува дека  постапката по приговор на решението за издавање на нотарски платен налог мора да заврши во рок од шест месеци од денот на приемот на предметот во судот. Второстепениот суд е должен да донесе одлука по жалба поднесена против одлука на првостепениот суд во рок од 30 дена.

M.В