/ Прочитано:

3.332

Новиот ректор на УКИМ го назначи проф. д-р Сашо Георгиевски за в. д. декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Новиот ректор на Универзитетот „ Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, го назначи проф. д-р Сашо Георгиевски за в. д. декан на Правниот факултет.

foto akademik

Проф. д-р Сашо Георгиевски e вработен на Правниот факултет од 1988 година, на наставно-научната област меѓународно право и меѓународни односи. Во моментот предава повеќе предмети од таа област, вклучувајќи ги предметите: Меѓународно право, европски институции и меѓународни односи (применета програма) – на Политичките студии и на Студиите по новинарство; Правото на EУ, Меѓународно право (примената програма) и Меѓународно хуманитарно право – на Правните студии. Предавал на специјалистичките студии од областа на дипломатското право и односи, како и на тековните постдипломски студии по меѓународно право и меѓународна политика.

Во периодот од 1999-2005 година предавал на постдипломските студии за Југоисточна Европа при Департманот за политички студии и јавна администрација на Националниот универзитет Каподистрија во Атина, Република Грција.

Објавил повеќе десетици научни и стручни трудови во домашни и странски списанија. Научниот опус на Сашо Георгиевски главно се однесува на мeѓународно-правнитe и спорeдбeни аспeкти на странските вложувања, особено концeсискитe вложувања, сукцесијата на државите, како и на други прашања од областите на меѓународното јавно право и правото на Европската Унија.

Назначувањето на професорот Сашо Георгиевски за в. д. декан следува откако Наставно-научниот совет на Правниот факултет ги предложи и професорот Горан Коевски и професорот Никола Тупанчески за декан на Правниот факултет, но подоцна се проблематизираше постапка за избор на нов декан.

Како што велат за Академик од Правниот факултет, професорот Георгиевски како в. д. декан во рок од шест месеци ќе треба да спроведе нови избори за декан на Правниот факултет.

М.В / veljanoskim@akademik.mk