/ Прочитано:

3.697

Новиот судија во ЕСЧП, Јован Илиевски, се заколна дека ќе ја врши функцијата чесно и непристрасно

По давањето на свечената изјава и заклетвата во Судот во Стразбур, д-р Јован Илиевски и официјално стапи на функцијата судија во Европскиoт суд за човековите права.

akad 7

По давањето на свечената изјава и заклетвата во Судот во Стразбур,  д-р Јован Илиевски и официјално стапи на функцијата судија во Европскиoт суд за човековите права.

„Се колнам и свечено изјавувам дека ќе ја вршам мојата функција како судија чесно, независно и непристрасно“, гласи заклетвата што ја даваат новоизбраните судии во Европскиот суд за човековите права.

Минатата година Парламентарното собрание на Советот на Европа во месец октомври, со тајно гласање го избра обвинителот Јован Илиевски за судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права.

Како меѓународен суд и како најавторитетна европска судска институција, Европскиот суд за човекови права е надлежен да постапува по индивидуални или меѓудржавни жалби, во кои има наводи за повреда на граѓанските и политичките права предвидени со Европската конвенција за човекови права.

Судот го следи почитувањето на човековите права на граѓаните од 47 држави членки на Советот на Европа, кои ја ратификувале Европската конвенција за заштита на човековите права. ЕСЧП се состои од онолкав број судии колкав што е и бројот на високите страни договорнички на Конвенцијата.

akad 7

Судиите кои се избираат за мандат од 9 години, образложуваат од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, заседаваат во Судот во лично својство, не се претставници на ниту една држава. Во согласност со Европската конвенција за човекови права, судиите треба да уживаат највисок морален углед и да ги исполнуваат условите неопходни за вршење на високи судски функции или да бидат правни стручњаци со призната компетентност.

Во биографијата на Илиевски е наведено дека во 1983 година дипломирал на Правиот факултет „Јустинијан Први“. Две години подоцна го положил правосудниот испит. Во 2011 година магистрирал на УКИМ на тема од кривичното право, а во 2013 година исто така на УКИМ докторирал на тема „Историја на македонското јавно обвинителство – позиција, улога и перспективи“.

akad 7

Во однос на работното искуство, во биографијата на Илиевски стои дека има над 18-годишно работно искуство во јавното обвинителство. Првото вработување на Илевски во јавното обвинителство е во 1983 година, како приправник. За заменик-обвинител е избран во 1989 година. Од 1993 година се посветил на адвокатурата. Во 1997 година повторно се враќа во Обвинителството, кога е избран за обвинител со мандат до 2002 година. За шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е избран во 2004 година.

Илиевски вели дека негова клучна квалификација е 30-годишното спроведување на законот, јавниот ред и безбедноста. Во своите биографски податоци, Илиевски има посочено дека одлично говори англиски, српски, бугарски и хрватски јазик.

Во 2015 година Илиевски беше избран и за претседател на Комисијата за воедначување на казнената политика.  Комисијата е тело што се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните преку предлагање критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

М.В