/ Прочитано:

1.795

Новиот Закон за судска служба е демотивирачки, неприменлив, a содржи и противуставни одредби — оценуваат експертите

Доближувањето и до одредена мера изедначувањето на судската администрација со останатата државна администрација е погрешно, односно неуспешен обид за мешање на извршната и судската власт – оценуваат експертите кои вчера на тркалезна маса во организација на Здружението на судска администрација на Република Македонија во соработка со Проектот на УСАИД за јакнење на судството дебатираа за новиот Закон за судска служба кој ќе почне да се применува веќе од февруари, следната година.

Од Здружението на судска администрација истакнуваат дека отворање на поширока дебата во која ќе се слушне експертското мислење во врска со законското речение, кое беше усвоено во март годинава, е нужност.

„Овој Закон беше донесен во скратена постапка и без претходни консултации со експертската јавност и претставниците од судството и судската служба, на кои и се однесува. Токму од тие причини, Здружението одлучи да организира еден ваков настан, на кој ќе бидат вклучени сите инволвирани и засегнати страни и на кој ќе можат да го изнесат своето видување во однос на предвидените измени“, велат од Здружението на судска администрација.

Како говорници на тркалезната маса, покрај претставниците на Здружението и Проектот за јакнење на судството, учествуваа проф. д-р Борче Давитковски – декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. Д-р Тодор Каламатиев и доц. Д-р Лазар Јовевски од Катедрата за трудово и социјално право на Правниот факултет, претставник на синдикатот на УПОЗ, претставник од Министерството за правда и на Врховниот суд на Република Македонија.

Новиот Закон за судска служба има целосно променет концепт и значително се разликува од актуелниот Закон за судска служба. Со него, како што посочуваат, од Здружението,  судската администрација се доближува и до одредена мера изедначува со останатата државна администрација. Експертите, ова решение го оценуваат како погрешно и како неуспешен обид за мешање на извршната и судската власт.

Според проф. д-р Давитковски изедначувањето на судската администрација со останатата администрација е непоимливо, бидејќи тие опслужуваат сосема различни субјекти и припаѓаат на различни власти – судска и извршна. Тој потенцираше дека  Закон не е прилагоден и не соодветствува со специфичностите на судската служба, односно дека судската служба како засебна целина, треба да биде регулирана со прописи кои ќе одговараат на специфичниот карактер на работа кој го имаат судските службеници. 

Се воведуваат нови услови за задржување на веќе стекнато право

Иако новиот Закон беше најавен како подобрување на постојниот Закон за судска служба од 2008 година, експертите сметаат дека поголемиот дел од одредбите не само што се штетни, демотивирачки и нелогични, туку во крајна линија се и противуставни.

Законот за судска служба предвидува познавање на странски јазик и задолжителното поседување сертификат од меѓународно призната институција за познавањето на странскиот јазик и сертификат за работа со компјутери. Овие услови, според Здружението, покрај тоа што дополнително ќе го оптеретат и онака кревкиот буџет на вработените во судската администрација,  претставуваат и предуслов за задржување на работната позиција.

„Тоа значи дека се воведуваат нови услови за задржување на веќе стекнато право. Сметаме дека оваа одредба има ретроактивно важење и дека е противуставна“, нагласуваат од Здружението.

Друг новитет е задолжителното казнување на последно рангираните 5% од вработените кои се оценети со оцена 3 или 4, без при тоа, велат од  да бидат наведени конкретни критериуми врз основа на кои ќе се врши оценувањето, што може да доведе до арбитрарност во оценувањето, сметаа од Здружението.

Со новото законско решение се предвидува и хоризонтална мобилност, односно можност за преземање вработени од државната администрација.

„Со тоа повторно се врши мешање меѓу државната и судската администрација, што веќе беше наведено како недопустливо“, потцртуваат од Здружението.

Новина е и можноста за вработување надворешни лица на раководни места кои при тоа не мора да поседуваат соодветно искуство во областа на судството.

„Со тоа во крајна линија се доведува во прашање функционирањето на судовите кои би биле раководени од лица без основни познавања од работата на судската администрација и посебните процедури. Инструментот степен на кариера не е предвиден со овој Закон“, појаснуваат од Здружението

„Со бришењето на одредбата за степен на кариера, и нефункционирањето на институтот интерен оглас, кој иако беше предвиден со Законот од 2008 година, никогаш не заживеа, на кој начин ќе се мотивираат вработените во судската администрација?“, запраша на тркалезната маса, претседателот на Здружението, Борче Мирчески.

Законите не смеат да се носат без претходно да предмет на подлабока анализа

Експертите се согласни дека овој Закон, ниту било кој друг не би требало да биде донесен без претходно да е предмет на подлабока анализа и вклученост на сите засегнати страни, експерти и поширока јавност.

„Во конкретниов случај овој Закон е донесен без било каква анализа, експертиза, без при тоа да бидат консултирани и инволвирани експертите и засегнатите страни. Од тие причини овој Закон не би требало да почне да се применува без претходно да се направат измени на истиот. Тоа од причини што Законот е демотивирачки, неприменлив, во себе содржи одредби со ретроактивна важност и одредби кои се противуставни“, децидни се од Здружението.

Здружението на судска администрација во изминатиот период со поддршка на Проектот на УСАИД за јакнење на судството, одржа неколку работилници на кои беа изготвени предлог измени на новиот Закон во насока на негово подобрување.

„Како организација која се стреми кон унапредување на статусот на судските службеници и судството во целина Здружението и понатаму ќе продолжи со превземање конкретни активности во однос на ова прашање. Во таа насока, како следни чекори би биле покренувањето иницијатива за оценување на уставноста на дел од законските одредби и покренувањето иницијатива пред Собранието на Р. Македонија. Здружението и во иднина ќе настојува да даде свој максимален придонес во градењето на независно и ефикасно судство“, потцртуваат оттаму.


Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 6.10.2014