/ Прочитано:

1.496

НОВОГОДИШЕН БЕЛЕЖНИК: Со осврт на минатата до пресврт во новата година

Крајот на годината им задава на многумина тешки главоболки: да се замота сработеното додека наголемо се мотаат новогодишните подароци е предизвик под чија тежина често попушта трпението. Мал е бројот на оние што имаат волја да погледнат назад кон годината што изминува...

Akademik kalendarКрајот на годината им задава на многумина тешки главоболки: да се замота сработеното додека наголемо се мотаат новогодишните подароци е предизвик под чија тежина често попушта трпението. Мал е бројот на оние што имаат волја да погледнат назад кон годината што изминува. За годишен осврт требаат доста време и посветеност, но неговиот исход е далеку повреден од трудот што го изискува. Умешноста да се извлечат лекции од минатата година, во најмала рака, ќе го изостри фокусот на работата во претстојната година. Подготвувањето на теренот за нови предизвици треба да почне и да заврши со осврнување на четири клучни рамништа: на предметите, клиентите, финансиите и, подеднакво важно, на себе.

На колку предмети работевте минатата година и колку од нив ги добивте? Кој вид случаи беа подоходовни? Кои случаи ви причинуваа задоволство, а кои ви задаваа главоболки? Поставувајќи ги овие прашања, си отворате шанса да ги препознаете предностите и слабостите на својата дејност. Со други зборови, треба самостојно да го откриете приодот преку кој во најскоро време ќе ги расчистите предметите од минатата година за да ја почнете новата на прооден терен. Преиспитајте го напредокот на сите отворени предмети и прибележете ги најважните подробности на место што ви е лесно достапно. Проверете ги датумите на претстојните рочишта, како и работното време на судовите за време на празниците.

Клиентите, особено оние со коишто редовно соработувате, се изворот на вашите приходи. Нека ве паметат по добро. Составете список на досегашните клиенти и подредете ги според важноста за која самите ќе си поставите критериуми: видот на соработката, висината на доходот, честотата на состаноците итн. Притоа, неизмерно важно е да прибирате што повеќе информации за своите клиенти. Практиката покажува дека колку поотворен и поуслужлив е адвокатот толку подолготрајна е врската со клиентот. Оттаму, унапредувајте ја советодавната димензија на своите правни услуги и покажувајте интерес за нивните потреби. Телефонирајте. Разговарајте. Посакајте им сè најдобро во новата година и бидете благодарни за укажаната доверба.

Во тој поглед, не смее да се занемари ниту финансиската кондиција на вашата дејност. Таа се крепи пред сè на три темели: добивањето на предметот (што зависи од начинот на којшто се „рекламирате“ себеси), извршувањето на предметот (што треба да вроди со усилби за надградување на дејноста), како и наплатата на услугите за водење на предметот (што е неминовно за натамошно одржување на дејноста). Запрашајте се себеси, едноставно, дали сте задоволни со стапката на наплаќање долгови. Проверете кои предмети ви донеле најголеми приходи, а кои имале негативен одраз врз наплатата. Уверете се дека имате на располагање систем за редовна, навремена и точна наплата на долговите.

Колку и да е тежок товарот на професијата, не заборавајте на себе: водете грижа за своето здравје и мислете на луѓето во своето окружување. Излегувајте што почесто на свеж воздух и среќавајте се со оние што ви значат. Енергијата од природата и од кругот на најблиските ќе ги наполни батериите што ги празните во канцеларијата и во судницата. Она што се случува околу вас не е важно колку што се битни вашите реакции на него. Обѕрнувајте се околу себе и испитајте каков е вашиот одраз во средината. Ако сето ова ви појде од рака, положете надеж дека влезот во новата година ќе биде излез кон уште поголеми, незаборавни збиднувања. Телото и духот ќе ви бидат еднакво благодарни. Среќна Нова година!