/ Прочитано:

677

Народна банка: Зголемен ризик кај јавните финансии

Четврток, 10 јули 2014 – Ризикот поврзан со јавните финансии дополнително се зголеми во 2013 година, поради натамошното зголемување на јавниот долг и растот на буџетскиот дефицит во однос на БДП за 0,2 процентни поена (со што достигна 4,1% од БДП), соопштува Народната банка.

„Најголемиот дел од дефицитот беше остварен во првиот квартал од годината заради исплата на заостанати обврски од претходната година, а тој беше финансиран со средствата од надворешни и домашни извори. Во остатокот од годината потребата за финансирање на буџетскиот дефицит во поголем дел беше покривана со домашно задолжување на централната влада преку издавање континуирани државни хартии од вредност, чијашто состојба на годишна основа се зголеми за 31,9%“, велат од НБМ.

Како што соопштуваат, тоа ќе резултира со поголемо растење на учеството на внатрешниот долг на централната влада (учеството на внатрешниот долг на централната влада во 2011 година изнесуваше 24,3%, додека на крајот на 2013 година неговото учество во вкупниот долг достигна 42,3%), а овој тренд продолжува и во првите три месеци од 2014 година.

„Ваквите движења придонесоа за годишен раст на вкупниот долг на централната влада и фондовите од 8,4%, со што долгот на централната влада достигна 2.757 милиони евра. И покрај растот, во групата петнаесет анализирани земји (вклучувајќи го и збирниот податок за земјите-членки на ЕУ и на евро-зоната), Република Македонија е помеѓу земјите со најниско учество на долгот на централната влада во БДП“, соопштуваат од НБМ.

>>>Извештај за финансиската стабилност во Република Македонија во 2013 година