/ Прочитано:

1.148

Објавен новиот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ: правосудството сè уште непрегледно за обичните граѓани, но и непривлечно за младите кариеристи

Европската комисија го објави вчера, 8 октомври 2014 година, Извештајот за напредокот на Македонија на патот кон Европската унија. Централните реформи во правосудството се сметаат за спроведени во најголем дел, но и натаму треба да се работи на општото подобрување на системот, со цел доследно да се применуваат европските стандарди за независност и за квалитет на судството. Најголемите рани отворени од поодамна, според Извештајот, сè уште се незалечени: именувањето, санкционирањето и разрешувањето на судиите продолжуваат според нетранспарентна матрица на Судскиот совет; Академијата за судии и јавни обвинители не може да ги пополни слободните места за обучување судиски кандидати; годишното евалиурање на судиите мора да премине од статистичко на квалитативно следење на нивната работа; работата на судовите останува во голема мера недостапна за пошироката јавност… 

Ви пренесуваме интегрално дел од Извештајот кој се однесува на правосудството:

Постапката на Судскиот совет за именување судии мора да биде потранспарентна

Недостатоците во судската служба, и покрај тоа што претставуваат закана за независноста на судиите, сè уште се многубројни. Во поглед на независноста и непристрасноста, треба да се разгледаат повеќе прашања за да се заштити независноста на судиите, особено во поглед на безбедноста на нивниот мандат. Законодавството кое го уредува разрешувањето на судиите сè уште треба да се измени за да стане попрецизно и предвидливо. Потребни се заштитни мерки за да се загарантира примената на дисциплинските мерки на попропорционален начин од страна на Судскиот совет. Тенденцијата да се изрече разрешување наместо поблага дисциплинска санкција продолжува, како и употребата на сеопфатната основа за разрешување врз основа „непрофесионално и несовесно извршување на судската функција“ во речиси сите случаи. 

Во однос на професионалноста и на компетентноста на судството, измените во Законот за судовите, којшто влегоа во сила во 2013 година, не вродија со подобрување на практиката на избирање и на унапредување на судиите според нивните заслуги и според квалитетите. Сепак, Судскиот совет и во 2013 година продолжи да го занемарува критериумот во Законот што налага сите новоименувани судии од прва инстанца да се дипломци на двегодишната програма за почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители (AСЈО). Исто така, запоставен беше и критериумот според кој судиите што се именуваат во судовите од повисока инстанца треба да го докажат своето претходно искуство, па така, неколкумина судии беа именувани непосредно пред новиот закон да влезе во сила. Ова ја доведува во прашање ефикасноста на новото законодавство и посветеноста на начелото на вработување според заслуга. Постапката на Судскиот совет за именување судии, особено во поглед на оценувањето на кандидатите, мора да биде потранспарентна.

Институциите да се борат против непотизмот и политичките влијанија кои ги демотивираат младите 

Академијата за судии и јавни обвинители (AСЈО) и понатаму игра централна улога во обезбедувањето на доживотни обуки за судството и јавното обвинителство. Нејзината програма за континуирана обука на лица во служба ја следеа 4151 судии, 1256 јавни обвинители и 1929 стручни соработници, државни службеници и други учесници. Бројот на обуките се зголеми на 272, од кои 63 се одржаа надвор од Скопје, преку децентрализираниот систем за обучување. Новата генерација 13 кандидати за судии и обвинители ја започна својата двегодишна обука во декември 2013 година. Ова е петтата генерација кандидати-учесници во обуките на АСЈО што се воведе во 2009 година и е една од најмалобројните досега. Од сите 80 кандидати што минале на обуките од почетокот до денес, 76 се именувани за судии или за јавни обивинители.

И покрај информативните кампањи и низа други подготвителни мерки, бројот на слободни места (29) за нови кандидати за почетна обука на Академијата не можеше да биде пополнет. Постигнати се низа подобрувања во функционирањето, како, на пример, подготвителна обука за приемниот испит, нова структура на испитните прашања и на методите на оценување. Потребно е и натаму да се одржуваат напорите за соработка со универзитетите, со цел што поголем број кандидати да го постигнат нивото потребно за положување на приемниот испит. Исто така останува наметнат проблемот во врска со тоа како да се мотивираат младите професионалци да ги гледаат правосудството и обвинителството како атрактивна можност за развој на нивната кариера. Надлежните институции треба подробно да ги истражат причините зад недоволниот интерес, а во еднаква мера треба и да се борат против непотизмот, како и против политичките влијанија што можат да ги демотивираат идните можни кандидати.

Постапката на годишно евалуирање на судиите треба итно да се ревидира

Постапката на годишно евалуирање на судиите треба итно да се ревидира, бидејќи во огромна мера го нарушува квалитетот на судството. Наместо да се применува како алатка за следење на компетентноста, на интегритетот и на квалитетот на судиите, таа се користи како инструмент за статистичко мерење на нивната продуктивност. Системот им создава на судиите непотребен притисок, им ја ускратува автономијата оптимално да работат и, со тоа, индиректно создава лоши работни практики. Сегашниот пристап кон следење на работата на судиите, наместо да спазува статистички критериуми – број на решени случаи, број на пресуди укинати во втора инстанца – потребно е да се фокусира на оценување на клучните компетенции на судиите, на нивните организациски способности, на учеството во програми за обучување, на нивото на специјализација во одредена област итн.

Во врска со ефикасноста на судството, 23 од вкупно 27 основни судови во земјата, како и апелационите судови и Врховниот суд, ги решиле најголемиот број случаи што биле примени во текот на годината. Судскиот совет и Министерството за правда вложиле напори да се дојде до веродостојни информации за просечното времетраење на судските постапки од почеток до крај, и тоа за сите инстанци, при што се идентификувани вкупно 3155 случаи кои се наоѓаат во судските лавиринти подолго од три години. Од нив, 822 случаја се постари од пет години, а 56 траат подолго од десет години. Од друга страна, агресивноста на мерките што во изминатите неколку години беа преземени во насока на забрзување на судските постапки може да има негативен одраз врз квалитетот на носењето на правдата, односно може да ја ограничи можноста на судиите да му посветат доволно време на одреден случај, при што се загрозува подготвувањето добро промислена пресуда.

Пресудите што се контроверзни воопшто не се објавуваат

Во поглед на пристапот до правда, буџетот за правна помош за 2014 година изнесува 50.000 евра, а бројот на адвокатите регистрирани како даватели на правна помош е 251. Вкупно 227 барања за бесплатна правна помош беа поднесени во 2013 година, од кои 95 беа одобрени. Најголемиот број на случаи се однесуваат на спорови во врска со сопственост, жртви на домашно насилство и заштита на децата и малолетните лица. Физичката достапност на најфреквентниот суд во земјата, Основниот суд Скопје 2, останува голем проблем. Потребно е да се преземат што поактивни чекори за да може работата на судовите да стане подостапна за јавноста, да се постават информативни шалтери на влезовите на судовите и да се воведат едноставни функции за пребарување на пресудите кои се објавени на интернет-страниците на судовите. Дотолку повеќе, и покрај законската обврска на судовите да ги објавуваат донесените пресуди на своите интернет-страници најдоцна два дена по нивното донесување, пресудите што се контроверзни и што привлекуваат најголемо внимание во јавноста воопшто не се објавуваат.

Подготви: Далибор Стајиќ Објавено: 09.10.2014