/Прочитано:

222

Објавен текстот на Предлог-законот за пријавување и евиденција на обврски

Министерството за финансии го објави текстот на Предлог-законот за пријавување и евиденција на обврски кој е во фаза на подготовка. Со овој закон се уредува пријавувањето и евидентирањето на преземени, а недоспеани обврски и на доспеани, а неплатени обврски, со цел обезбедување и одржување на транспарентноста и отчетноста и јакнење на одговорноста при располагање со јавни средства.

 Одредбите од овој закон се однесуваат на органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, установите и институции кои вршат дејности од областа на културата, образованието, здравството, детската, социјалната заштита, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, основани од Република Македонија или единиците на локална самоуправа, како и јавните претпријатија, трговските друштва, заводите, агенциите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија или единиците на локалната самоуправа.

Како што се дефинира во предложеното законско решение,  преземени, а недоспеани обврски се финансиски обврски кои настануваат врз основа на закон, односно подзаконски акт или облигационен однос и предизвикуваат идни обврски за плаќање, каде што како должник се јавуваат субјектите.

Доспеани, а неплатени обврски се финансиски обврски кои не се намирени до утврдениот рок на стасаност на преземената обврска, а доспеани, а неплатени обврски по основ на враќање на јавни давачки се финансиски обврски кога враќањето на јавните давачки не е извршено во законски предвидениот рок за враќање од страна на надлежните органи.

Доспеани, а неплатени обврски по основ на враќање на јавни давачки за Управата за јавни приходи се финансиските обврски по основ на барањето за враќање кое обврзникот го искажува во даночната пријава на данок на додадена вредност, кои се доспеани, а неплатени во рокот утврден со Законот за данок на додадена вредност.

 Во предложениот закон се пропишува дека пријавувањето и евидентирањето на обврските ќе се врши преку посебен електронски софтвер. Пријавувањето и евидентирањето на доспеаните, а неплатени обврски на органите надлежни за враќање на јавни давачки ќе се врши по електронски пат на начин и во форма пропишана од страна на министерот за финансии.

Субјектите се должни на месечна основа преку електронски софтвер до Министерството за финансии да ги пријавуваат обврските најдоцна до 10-ти во месецот, за претходниот месец. Формата и начинот на пријавување на обврските од страна на субјектите поблиску ги пропишува министерот за финансии.

Органите надлежни за враќање на јавни давачки се должни на месечна основа по електронски пат до Министерството за финансии да ги пријавуваат доспеаните, а неплатени обврски по основ на враќање на јавни давачки најдоцна до 30-ти во месецот.

Министерството за финансии, се пропишува во предложениот закон, на квартална основа на веб-страницата објавува збирни извештаи од евидентираните податоци за пријавените  обврски. Формата и содржината на збирните извештаи поблиску ги пропишува министерот за финансии.

Во Предлог-законот се предвидуваат и прекршочни одредби. Па така, глоба во висина од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, доколку не постапи во согласност со членовите 5 и 6 од овој закон. За ова дејствие, глоба во износ од 30 % од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице.

 Доколку е сторен прекршок со неисполнување на предвидените обврски, а сторителот го сторил прекршокот по прв пат во календарската година и доколку сторителот пред донесување на одлуката за прекршок ја исполнил пропишаната обврска, односно ги пријавил обврските од овој закон, ќе се изрече опомена како прекршочна санкција.

Предлог – Закон за пријавување и евиденција на обврски

 M.В