/ Прочитано:

2.665

ОБЈАВЕНИ ПОМИЛУВАЊАТА: Груевски, Мијалков, Црвенковски, обвинители во СЈО

Одлуките влегуваат во сила од денот на донесувањето, се наведува во објавата во „Службен весник“. Одлуките за помилување се донесени врз основа на членовите 1 и 11 од Законот за помилување од 1993 година.

Принтскрин Службен весник

Во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016 објавени се одлуките на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за помилување на повеќе лица.

Одлуките за помилување – ослободување од гонење, без спроведување на постапка се однесуваат на Дејан Митровски Урко, Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи, Сашо Мијалков, поранешен шеф на УБК, Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Помилуван е и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и тоа во 16 случаи. На листата на претседателот е и Ирена Мишева, претседателка на Советот на Град Скопје, директорот на „Идризово“ Живко Пејковски, двајца актуелни градоначалници, Коце Трајановски на Град Скопје и Тони Трајковски на Општина Гази Баба. Меѓу помилуваните е и поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ.

Меѓу помилуваните се и лидерот на ДПА Мендух Тачи и членот на ДИК од ДПА Бедредин Ибраими. И шефот на Кабинетот на поранешниот премиер Груевски, Мартин Протуѓер, е на листата на помилувани. Помилуван е и генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски.

Помилуван е и лидерот на СДСМ Зоран Заев и Зоран Верушевски, кој заедно со Заев беше обвинет за случајот „Пуч“. И останатите обвинети во случајот: сопругата на Верушевски Соња, службеникот од Општина Струмица Бранко Палифров и вработениот во МВР Ѓорги Лазаревски. Звонко Костовски, кој беше осуден на 3-годишна казна затвор за случајот, вчера беше пуштен на слобода.

Помилувањата во објавата во „Службен весник“ се групирани најверојатно според  делата за кои одговарале помилуваните лица и за конкретен случај, иако не се наведени делата за кои се ослободуваат од гонење.

Па така, во една од одлуките за помилување се набројани и Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, Светлана Костова, сега судијка во Вишиот управен суд, и Хаим Хакијни од Израел споменат во прислушуваните разговори што лани ги објави опозицијата како лице преку кое се набавувала опрема за прислушување.

Одлуките влегуваат во сила од денот на донесувањето, се наведува во објавата во „Службен весник“.

Одлуките за помилување се донесени врз основа на членовите 1 и 11 од Законот за помилување од 1993 година.

Член 1
Претседателот на Република Македонија дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закони на Република Македонија, согласно со одредбите на Кривичниот закон и одредбите на овој закон.
Член 11
Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано.

Понатаму, со одлука за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка се опфатени и Бранко Црвенковски и сопругот на Радмила Шеќеринска, Божидар Јанковски.

Покрај политичарите и нивните соработници во одлуките за помилување на Иванов се опфатени и специјалните јавни обвинители. Против обвинители и истражители од СЈО беа поднесени 19 кривични пријави од различни физички лица, а се однесуваа за кривично дело малтретирање во вршење на службата од член 143 од Кривичниот законик.

Помилуваните обвинители се Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.