/ Прочитано:

2.386

(ОБНОВЕНО) СЈО ги смета за неосновани жалбите на одбраната во „Шпион“. Предлага намалување само на висината на казните

СЈО ги прифати жалбените наводи на одбраната само за висината на казните за сите осудени. Според Специјалното јавно обвинителство, казните се превисоки и престрого определени, па затоа му предлага на Судот да бидат намалени или ублажени, а за шестмина да бидат изречени условни казни.

Ленче Ристоска и Елизабета Јосифовска, обвинителки СЈО

Специјалното јавно обвинителство ги оцени како неосновани поголемиот број од жалбите на обвинетите во предметот „Шпион“ и му предложи на Апелациониот суд да ги отфрли.

СЈО ги прифати жалбените наводи на одбраната само за висината на казните за сите осудени. Според Специјалното јавно обвинителство, казните се превисоки и престрого определени, па затоа му предлага на Судот да бидат намалени или ублажени, а за шестмина да бидат изречени условни казни.

Покрај тоа, СЈО му предлага на Апелациониот суд да бидат направени дополнителни вештачења кои се однесуваат на оружјето пронајдено кај генералот Горан Стојков и  кај Цветан Дамјановски и да бидат обезбедени дополнителни докази за делото прикривање кое му се става на товар на првообвинетиот Марјан Ефремов.

„Сметаме дека казните треба да бидат намалени бидејќи Кривичниот суд при одмерување на казните не ги зел предвид сите олеснителни околности кои требал да ги има предвид, а кои стојат реално на страната на обвинетите лица. Покрај тоа, наидовме на тоа дека првостепениот суд пропуштил да изврши вештачење и да прибави докази за релевантни факти за оној дел на кој се однесуваа жалбите на Стојков, Дамјановски и на Ефремов. Во однос на другите жалби на обвинетите лица, кои се однесуваа како на утврдување на фактичката состојба така и на повредата на ЗКП и Кривичниот законик, предложивме да бидат одбиени како неосновани бидејќи по проучување на целокупниот доказен материјал, кој беше навистина обемен, утврдивме дека ваквите жалбени наводи не наоѓаат никаква поткрепа и затоа предложивме да бидат одбиени како неосновани“, рече обвинителката Ленче Ристоска.

Таа додаде дека сметаат дека Кривичниот суд постапил правилно и правилно ги ценел доказите во делот на прогласувањето на обвинетите за виновни.

Ристоска потенцираше дека обвинителката Лиле Стефанова, која сега е дел од СЈО, а која претходно го застапуваше Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое го поднесе обвинението за „Шпион“, не работела на случајот во фазата кога случајот го презело Специјалното јавно обвинителство. Единствени надлежни за овој предмет биле Ристоска и обвинителката Елизабета Јосифовска која ги презентираше наводите на СЈО на јавната седница.

СЈО побара условни казни за Марјан Маџовски, Георги Хаџи Мицев, Живко Петковски, Ване Цветанов, Тоше Кушиновски и Кирил Соколов, а за останатите осудени побара намалување или ублажување на затворските казни.

Според СЈО, неосновани се наводите во жалбите на одбраната дека е направена суштествена повреда на кривичната постапка и изрекувањето на пресудата. Според нив, пресудата е разбирлива, ги содржи сите елементи, не е противречна и произлегува од доказите.

Јавна седница Шпион

Одбраната во жалбените наводи ја спореше примената на посебните истражни мерки и нивната должина, што според Специјалното јавно обвинителство е исто така неосновано. Обвинителката Јосифовска образложи дека ПИ-мерките се законски применети и Судот соодветно ги ценел за дел од кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените, а не ги зел предвид за кривичното дело шпионажа.

Покрај тоа, според СЈО неосновани се наводите во жалбата на одбраната кои се однесуваат на тоа дека доказите биле на странски јазик и со латинично писмо бидејќи Судот обезбедил превод на доказите, а постапката се водела на македонски јазик.

Најоспоруваниот дел од страна на одбраната е постоењето на злосторничко здружување, што според СЈО е исто така неосновано поради тоа што за постоење на група не мора групата да има хиерархија, поделени улоги и директно учество, туку е потребно да се изрази волја да се биде дел од група, што се докажува од доказите, односно од меѓусебната комуникација на обвинетите, рече Јосифовска.

Обвинителката потенцираше дека при пишувањето на жалбите, одбраната се раководела само од делото на конкретниот обвинет без да ја земе предвид пресудата во целост, а во неа детално е направена анализа на дејствијата на секој поединечно, но и на поврзаноста на дејствијата.

Адвокатот Сашо Дуковски, кој го застапува обвинетиот Кушиновски, вели дека не е изненаден од ставот на СЈО во однос на предметот „Шпион“.

„Морам да напоменам дека Апелациониот суд не е врзан со предлозите на Обвинителството ниту со предлозите на одбраната и очекуваме да се донесе одлука заснована на закон и длабоко сме уверени во тоа“, рече Дуковски.

Јавната седница траеше маратонски два дена, по осум часа, во кои адвокатите и осудените детално ги изнесоа своите наводи во жалбите за првостепената пресуда.

М. С.

„Шпион“