/ Прочитано:

1.505

(ОБНОВЕНО) Тројца адвокати во случајот „Дива Населба“ казнети по 1 200 евра, двајца од нив треба да ги покријат и трошоците за денешната постапка

„Адвокатите се казнуваат поради навреда на Судот, нарушување на редот во судницата, непридржување до наредбите на претседателот на Советот и онеовозможување на услови за одржување на главна расправа“ истакна судијката претседавач со Советот, Верка Петковска.

2 diva naselba

Адвокатите Насер Рауфи, Бујар Дардхишта и Мефаил Арслани, кои се бранители на обвинетите за случувањата во кумановската Дива Населба, денеска од страна на Судскиот совет кој го води предметот беа казнети со казна од по 1 200 евра.

„Адвокатите се казнуваат поради навреда на Судот, нарушување на редот во судницата, непридржување до наредбите на претседателот на Советот и оневозможување на услови за одржување на главна расправа“, истакна судијката претседавач со Советот, Верка Петковска.

Покрај тоа, судијката ги задолжи адвокатите Рауфи и Дардхишта да ги платат трошоците за целата денешна постапка, односно спроводот на 29 обвинети од затворот и обезбедувањето од МВР, што според информациите од Судот изнесува од 35 до 45 илјади евра.

Поради немање услови за одржување на главната расправа, судењето беше одложено за 8 март.

Одбраната најави бојкот на судењето

Одбраната во предметот истакна дека се солидаризира со колегите што денеска беа казнети од Судот, но потенцира дека остануваат на барањата што ги презентирале и во судницата. Доколку не им бидат овозможени барањата, се заканија со бојкот на следното рочиште.

Нивните барања се: на секој бранител да му се овозможи да седи до обвинетиот што го застапува, присуство на најмалку по еден од роднините на обвинетите, како и присуство на новинарите.

„Основниот суд Скопје 1, односно целокупниот правен систем во државава треба да обезбеди услови за одржување и следење на главниот претрес за овој предмет кој е болен за сите лица што се инволвирани во него. Доколку не бидат исполнети условите што ги бараме, на идното рочиште нема да присуствува ниту еден бранител“, рече адвокатот Љупчо Веселиновски.

1 diva naselba

Адвокатите бараат за овој специфичен предмет да се исполни основното начело на фер, правично и јавно судење.

„Ние укажувавме уште од првиот главен претрес дека треба да присуствуваат и роднините и јавноста и претставниците на амбасадите во земјава, како и невладините организации. Ова е јавно судење и зачудува фактот што се продолжува судењето по две одржани главни расправи во една просторија во која нема услови да присуствуваат сите страни“, рече адвокатот Асмир Алиспаиќ.

Казнетиот адвокат Рауфи, пред да му биде изречена казната, рече дека трошоците за одржување на главната расправа треба да си ги покрие Судот бидејќи тој не обезбедил услови за нормален тек на постапката.

„Ние немаме ни основни елементарни услови, односно клупа каде што ќе можеме да ги оставиме нашите чанти или да фаќаме белешки. Обвинетите што ги застапуваме не можеме ниту да ги видиме бидејќи се физички оддалечени од нас и поради тоа сметаме дека сѐ додека не се обезбедат овие услови, не треба да се одржува главната расправа. Јас немам намера да доаѓам сѐ додека не се обезбедат првенствено минималните услови“, рече Рауфи.

Ова требаше да биде петто рочиште на кое пред судот требаше да сведочат сведоци предложени од Обвинителството. Првите две рочишта се одржаа во големата сала на Врховниот суд, по што процесот продолжи во судницата број еден во Кривичниот суд.

Кривичен суд: Ги правиме сите напори за да се обезбедат сите неопходни услови за водење на постапката

Оттаму велат дека Судот ги направи сите напори да ги обезбеди сите неопходни услови за водење на постапката, пред сѐ, имајќи ги во прв план правата на странките во постапката и нивната безбедност.

„Што се однесува до роднините на обвинетите, кои немаа можност да влезат на судењето, потребно е да се знае дека имаат право во кое било време да ги посетат обвинетите во установите каде што ја издржуваат мерката притвор, и Судот им ги обезбедува сите неопходни дозволи, а што се однесува до присуство на судењето, Законот за кривична постапка не предвидува дека Судот мора да им дозволи на роднините да присуствуваат на судењето. Како јавност во постапка се подразбираат сите лица кои транспарентно и непристрасно ќе ги следат и ќе ги пренесат случувањата во судницата“, велат од Судот.

Процесот се одвива под силно полициско обезбедување, како во судницата така и околу Судската палата. Сообраќајот се пренасочува пред и по завршувањето на процесот, а со цел поголема безбедност, дополнително просторот го налетува хеликоптер.

За случувањата од 9 и 10 мај 2015 година во кумановската Дива Населба обвинети се 29 лица за терористичко организирање и тероризам. Во дводневните престрелки во Куманово загинаа 8 припадници на македонските безбедносни сили и 10 припадници на вооружената група.

Марија Севриева