/ Прочитано:

1.502

ОБУЧЕНИ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ – conditio sine qua non за владеењето на правото како одговор на тероризмот

Среда, 24 јуни 2015 – Судиите и јавните обвинители имаат клучна улога во создавање на силен кривичноправен систем и тоа е клучниот одговор во борбата против тероризмот, беше истакнато на  Семинарот на тема „Јакнење на владеењето на правото согласно кривично-правниот систем како одговор на тероризмот“, кој се одржува денеска и утре во Скопје, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Палел Шатев“, во соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ­ Оддел за сузбивање на меѓународни закани.

На семинарот, на кој учествуваат претставници на националните институции во улога на предавачи, јавни обвинители, претставници на надлежните министерства од државите­-членки на ЕУ и САД, како и експерти на ООН, ОБСЕ и на други меѓународни организации,  беше истакнато дека владеењето на правото, силен кривично-правен систем и обучени судии и обвинители се императиви кон кои треба да се стреми борбата против тероризмот.

Во тој контекст, како што нагласи директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска, кривичните постапки треба да бидат водени во согласност со основните начела на казненото законодавство.

„Многу е битно судиите и обвинителите, како што препорачуваат меѓународните документи, да ги водат овие постапки во една невжештена атмосфера, односно политичарите, медиумите и невладиниот сектор да се воздржуваат од неоправдани и неосновани коментари врз овие постапки, бидејќи сме сведоци дека одредени изјави дури предизвикуваат амбиент на упатување отворени закани до судиите и обвинителите кои ги водат овие случаи, што е исклучително опасно. Со таквите коментари не е загрозена само безбедноста на животите на судиите и обвинителите, туку се уриваат и другите принципи на европски стандарди, како што е пресумпцијата на невиност, правилното вршење на правдата и прејудицирање на конечната одлука“, истакна Арнаудовска.

Според Арнаудовска, новиот Закон за кривична постапка ги обезбедува сите модерни европски стандарди за успешна и ефикасна борба против тероризмот.

„За сите сложени дела кои спаѓаат во корпусот на организиран криминал и корупција, судиите и обвинителите се обезбедени со сите потребни механизми и средства“, додаде таа.

Арнаудовска подвлече дека при водењето на овие постапки кривичните дела на тероризам треба да се третираат како и сите други редовни кривични дела содржани во редовното законодавство, а при тоа да се применува праксата на Европскиот суд за човекови права, според која судиите и обвинителите нема да имаат ограничување на информациите.

 Амбасадорката Мариане Берец, в.д. шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакна дека соработката е од исклучителна важност за борбата против тероризмот, повикува на многу високо ниво на соработка меѓу државите за да се одговори на овој предизвик.

На семинарот говореа и постојаниот претставник на Република Македонија при ОБСЕ, ООН и другите меѓународни организации со седиште во Виена, амбасадорот Кире Илиоски и Мајкл Киган од Стејт департментот на САД.

Во однос на борбата против тероризмот, беше заклучено дека е многу важно да има ефективна истрага на терористички закани, што често вклучува собирање и анализа на податоци собрани од повеќе агенции во рамките на една влада, како што се: агенцијата за разузнавање, за спроведување на законот, војската, финансиски и банкарски агенции, како и провинциските, државни или локални власти. Многу е важно  критично да се поврзат различните парчиња на информации извлечени од различни извори, со цел да се идентификуваат и да се спречат терористички заговори и да се гонат сторителите од случаите на тероризмот.

Во таа насока, потребно е споделување на информациите меѓу сите вклучени агенции со цел спречување на кривични дела од тероризмот, спречување терористички акти и озаконување на мерки за заштита на осетливи и доверливи полициски и разузнавачки информации во случаи поврзани со тероризмот.

Неопходна е заштита на животите на жртвите и информаторите, заштита на  своите извори и методи, како и одржување на корисноста на чувствителните истражни техники. Според тоа, како што беше посочено, владите мора да бидат способни да ги заштитат одредените видови информации и техники од јавно објавување, дури и во текот на јавните правно-кривични постапки. Во исто време, треба да биде донесена соодветна правна заштита за заштита на правата на обвинетите и за нивно фер судење.

M.В / veljanoskim@akademik.mk