/ Прочитано:

577

Обвинение против сторителот на тројното убиство што се случи лани во Кавадарци

Вторник, 5 мај 2015 – Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен акт против Тони С., осомничен за тројното убиство што се случи во Кавадарци во ноември минатата година. На осомничениот му се заканува доживотен затвор.

„По спроведена темелна истрага, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес поднесе обвинителен акт за едно лице за сторени  три кривични дела убиство, за кои во согласност со Кривичниот законик е пропишана казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.

Обвинетиот  го извршил тројното убиство  на ден 9.11.2014 година околу 16.00 часот во семејната куќа на жртвите. Тој бил дојден во куќата со намера да разговара со сопругата, која по прекин на брачната заедница престојувала во куќата на жртвите. По пристигнувањето на обвинетиот, а во отсуство на поранешната сопруга,  настанала вербална расправија меѓу обвинетиот и мајката и сестрата на сопругата, сега починати лица. Во момент на меѓусебно туркање и влечење за облека, од јакната на обвинетиот испаднал пиштол кој тој го употребил и им нанел на двете жртви огнострелни повреди.

Потоа обвинетиот се качил на катот од куќата и на влезот од собата испукал еден куршум во таткото на неговата сопруга, нанесувајќи му огнострелна повреда“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Како резултат на здобиените повреди, мајката и таткото на неговата сопруга починаа веднаш, додека на сестрата ѝ беше укажана помош и беше пренесена во болница во Кавадарци каде што подоцна им подлегна на повредите.

Четириесетгодишниот Тони. С по извршувањето на кривичното дело беше недостапен за органите на прогонот, но два дена подоцна беше пронајден.

„Во  текот на истрагата се утврди дека обвинетиот повеќе пати бил пријавуван како лице кое упатувало закани кон своите блиски и кон блиските на неговата сопруга, како и дека е извршител на семејно насилство кон сопругата.

Имајќи ги предвид видот и тежината на сторените кривични дела и запретената казна за нив, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Велес достави и Предлог за продолжување на мерката – притвор спрема обвинетиот ​“, додаваат од Обвинителството.

>> Семејно насилство низ нишанот на легално оружје