/ Прочитано:

1.054

Обвинетиот за сообраќајката кај „Зебра“ ја призна вината — обвинителството бара максимална казна

Понеделник, 31 август 2015 – Обвинетиот за сообраќајката што се случи кај ТЦ „Зебра“, Бојан Блажевски (37), во којашто животот го загуби новинарката Сузана Тодоровска-Павлоска, денеска пред судот ја призна вината и изрази длабоко каење за она што со сторил.

„Се чувствувам виновен и ја прифаќам вината. Сакам да изразам длабоко сочувство на фамилијата. Со ниедни зборови не можам да ја изразам болката и тагата. Тој кобен ден, веднаш излегов да ѝ дадам помош на госпоѓата како вештачко дишење и срцева реанимација, но беше залудно“, рече тој погледнувајќи кон фамилијата на Тодоровска-Павлоска.

Блажески, кој моментно се наоѓа во притвор, се пожали дека притворот лошо влијаел на него.

„Притворот лошо влијае на мене. Чувствувам голема душевна болка. Помислата дека одзедов човечки живот ме доведе до психичко растројство. Ми ги уништи сите планови, за да основам семејство со мојата девојка. Наркотиците одзедоа голем дел од мојата младост. Неколку месеци бев чист, но повторно им се вратив“, рече тој пред судот, мислејќи на тоа дека повторно прима метадонска терапија.

Застапникот на обвинението, пак, истакна дека сообраќајната несреќа не може да се гледа само како несреќен случај, туку како чин сторен со умисла.

„Обвинетиот на денот на несреќата во својот дом себеси се довел во состојба на пијанство и консумирал наркотици. Индивидуалната консумација не е казнива, но кога тоа ќе ја загрози безбедноста на другите претставува кривично дело“ , рече обвинителката.

Таа додаде дека обвинетиот со голема брзина возел и наместо по десната коловозна лента, се движел по левата коловозна лента, најверојатно за да претекнува, и во еден момент ја изгубил контролата над возилото.

„Овој адреналин не му бил доволен на обвинетиот, па тој во таква состојба седнал зад волан и возел со 83 километри на час, што е надвор од дозволените граници во населбата Капиштец, каде што новинарката Сузана Тодоровска-Павлоска ја покосил од тротоар“, рече обвинителката.

На денешната главна расправа, странките во постапката исто така ги изнесоа своите завршни зборови.

Обвинителството во завршен збор побара максимална казна за обвинетиот.

Како отежителни околности што треба да влијаат на висината на казната, обвинителката ги потенцираше: зачестеноста на извршувањето на ова кривично дело како негативна појава  во општеството,  фактот дека при несреќата едно лице го загуби својот живот, а другото, кое се возело со Блажевски  е повредено, како  и неизразување каење од страна на обвинетиот во текот на истрагата.

И застапникот на оштетениот – сопругот на Тодороска-Павлоска,  адвокатот Јанаки Митровски,  во својот завршен збор побара максимална казна за обвинетиот. Тој истакна дека признавањето вина не треба да значи олеснителна околност за обвинетиот, бидејќи тој во ниту еден момент во истрага не изразил каење, додека денеска, како што рече, прочитал однапред поготвен текст со кој изразува каење, а признанието го искористил како околност за ублажување на казната.

Бранителот на обвинетиот,  адвокатот Марјан Михов, изрази сочувство до семејството на починатата новинарка и рече дека неговиот клиент се кае за делото што го сторил. Михов побара од судот да земе во предвид  дека се работи за млад човек, неосудуван, болен од хепатит Ц.

„Неспорно е дека Бојан треба да одговара, но судот треба да се води и од фактот дека тој е неосудуван, против него не се води никаква кривична постапка и дека изрази жалење за овој немил настан. Бојан имал бурно детство, подоцна примал метадонска терапија, која ја прекинал, а во моментот кога се случила несреќата не бил под истата. Со неговото влегување во притвор тој повторно е на метадонска терапија, што значи дека мерката негативно влијае врз него. Дополнително, Бојан има здравствени проблеми што бараат посебен третман, кој не може да му биде овозможен во притворот во Шутка“, рече Михов.

Блажевски, во својот завршен збор, уште еднаш изрази сочувство и каење и истакна дека кај него немало никаква умисла да одземе човечки живот.

„Длабоко се каам за тоа што го сторив, уште еднаш се извинувам на семејството на починатата. Немав никаква умисла да случи такво нешто“, рече Блажевски.

Судскиот совет го закажа изрекувањето на пресудата за четврток, 3 септември.

Според обвинението, Блажевски, во моментите кога случила несреќата имал 1,52 промили алкохол во крвта и 2,42 промили во урина. Кај него биле констатирани и траги од наркотична дрога канабис сатива, а возилото „опел корса“ го управувал со брзина од 83 километри на час при што загубил контрола и удрил во Тодоровска-Павлоска која се движела на тротоар.

Обвинетиот се товари за за  кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и е соочен со казна затвор од минимум 4 години.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk