/ Прочитано:

2.238

Обвинетиот за убиството на медицинската сестра на Детската клиника не се чувствува виновен

Среда, 10 јуни 2015 – Не се чувствувам виновен – вака денеска се изјасни 22-годишниот Никола Кузмановски, обвинет за убиството на медицинската сестра Дијана Здравковска, што се случи на 9 јануари на Детската клиника во Скопје.

Денеска во Основниот суд Скопје 1 стартуваше судењето за убиството на медицинска сестра Дијана Здравковска, што се случи на 9 јануари на поткровјето на Детската клиника во Скопје. Обвинет за убиството е Никола Кузмановски, кој е десет години помлад од Здравковска и кој се товари за кривичното дело „убиство на бремено лице “ бидејќи Дијана, со која бил во љубовна врска, во тоа време била бремена.

Обвинителство: Со смртта на Дијана е уништен и плод – живот на дете

Според Обвинителството, смртта на Дијана настапила насилно, со задушување сторено од страна на Никола. Имено, во обвинителниот акт се наведува дека тој делото го извршил по претходна вербална расправија, по што со употреба на сила ја турнал на подот сега починатата.  Здравковска, удирајќи со главата на подот, при падот се здобила со повреда што не ѝ го загрозувала животот. Според Обвинителството,  користејќи ја состојбата во која оштетената, поради повредата, не можела да дава отпор, обвинетиот со едната рака ја фатил за вратот и почнал да ја стега, а со другата рака во исто време ѝ ги затнал носот и устата, давејќи ја, сѐ додека не престанала да покажува знаци на живот, по што настапила смрт кај оштетената како резултат на насилното задушување.

Застапникот на обвинението, Снежана Бундалевска-Ѓоргиевска, на денешната главна расправа во воведниот говор наведе дека обвинетиот знаел дека покојната е бремена, но, како што рече, дејствувал воден од егоизам и бесчувствителност, како и тоа дека бил пресметлив за време на кривично-правниот настан.

„Со смртта на Дијана е уништен плод – живот на дете што не успеа да го види своето утро“, рече обвинителката и додаде дека не постои оправданост за неговото поведение.

Бундалевска-Ѓоргиевска додаде дека најмногу од овој трагичен настан изгубила осумгодишната ќерка на Дијана.

 Одбрана: Прстите на обвинетиот биле чудно поставени за да дојде до задушување сторено од него

Одбраната, пак, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ во својот воведен говор наведе дека е точно дека имало смртни последици, дека обвинетиот бил близок со покојната, дека таа била бремена, но дека преку измислена приказна на психијатарот се доаѓа до, како што рече, квазивистина.  Тој наведе дека преку исказот на обвинетиот и на техничките советници ќе го побиваат обвинението. Според, Давидовиќ, положбата на прстите на Кузмановиќ била, како што рече, чудна за да дојде до задушување сторено од него.

„Положбата на прстите на обвинетиот во најмала рака била чудна за да дојде до задушување“, рече тој во воведниот говор.

Во изјава за новинарите Давидовиќ, исто така, посочи дека смртта настапила како последица на кршење на черепот предизвикано од пад и од задушување, но не сакаше во оваа фаза на главната расправа да открива повеќе детали на за одбраната на обвинетиот.

„Го убедував да не се фрли“

Денеска во судница беа распитани и неколку сведоци предложени од Обвинителството.

Прв сведочеше сопругот на убиената, Дејан Здравковски. Наведе дека не знаел дека Никола и неговата сопруга биле во љубовна врска, но го познавал обвинетиот. Тие биле соседи од истото село, скопско Петровец. Дијана, како што рече, го известила дека е бремена една недела пред трагичниот настан.

Раскажа дека по истекот на работното време, на Дијана, на која ѝ завршувала смената околу 19.30 часот, ѝ ѕвонел на мобилниот телефон, но таа не му се јавувала. Кога се јавувал на службените телефони, пак, на Детската клиника, и кога се претставувал дека е сопруг на Дијана, како што рече, му  спуштале слушалка.

Здравковски дознал за убиството дури вечерта во 23.00 часот, иако според информациите од Обвинителството убиството се случило околу 19.00 часот  откако самоиницијативно заминал за да види што се случува бидејќи не му се јавувала сопругата.

Тој се приклучи кон кривичното гонење и пријави барање за отштета за себе и за ќерката.

Чуварот на Детската клиника во Скопје, Борче Цветановски, кој исто така зборуваше во улога на сведок, раскажа дека забележал дека нешто се случува околу 20.00 часот, кога некоја жена му кажала дека некој фрла снег или го чисти снегот од покривот на Клиниката. Тој појасни дека поткровјето на Клиниката е просторија којашто не се заклучува и дека немало покрив бидејќи пред неколку години покривот бил откорнат од ветер и оттогаш штетата не била санирана.

Кога погледнал нагоре кон поткровјето, го видел обвинетиот како седи на олукот со нозете надолу, по што го повикал електричарот и заедно се качиле да видат што се случува.

„Го прашав ‘дечко, што бараш тука’, а тој ми одговори дека ќе се фрли. Му реков: зошто да се фрлаш, ќе се реши проблемот.  Го прашав: што беља си направил, а тој ми кажа дека си ја отепал девојката“, раскажа чуварот.

Во меѓувреме, Цветановски решил да го повика целото обезбедување на Клиниката, а неговиот колега останал да разговара, односно да го убедува обвинетиот да не си го одзема животот. Телото на убиената, како што рече, го забележал кога се свртел за да се симнува по скалите, но бидејќи било темница, не забележал дека се работи за лице во работна униформа.

Симнувајќи се на скалите, односно меѓу третиот и четвртиот кат на Клиниката, како што раскажа, сретнал три лица кои го барале Никола. Едниот од нив, како што рече, се преставил како брат на обвинетиот. Иако сведокот во судница го идентификуваше ова лице како сопругот на Дијана, во текот на рочиштето друг сведок  разјасни дека, всушност, се работи за другар на обвинетиот. Чуварот не ги пуштил овие лица да се качат нагоре, а подоцна пристигнала и полицијата.

И електричарот, кој бил на дежурство за време на трагичниот настан, потврди дека Никола сакал да се самоубие и дека разговарале десетина минути додека да дојде полицијата.

„Го убедував да не се фрли. Ми кажа дека направил голема грешка, дека ја убил својата девојка која била бремена. Му реков дека ако треба ќе повикам психијатар и психолог за да се повлече“, изјави сведокот и додаде дека потоа пристигнала полицијата која се обидувала да го симне.

Денеска последен сведочеше Јосиф Станковиќ, другар на обвинетиот. Тој наведе дека Никола му се доверил дека е во љубовна врска со Дијана, но дека никогаш не ги видел заедно. Рече дека ја познава и Дијана, која му била сосетка и дека често доаѓала со својот сопруг во кафулето каде што работел тој.

Обвинетиот, како што рече, за бременоста на Дијана му соопштил непосредно пред критичниот ден.

„Не беше сигурен дали е негово детето“, рече сведокот. Според сведокот, обвинетиот се однесувал најнормално и  не оддавал впечаток дека нешто би можело да се случи.

Дента на убиството, братот на сведокот, кој исто така се дружел со обвинетиот, добил СМС порака од Никола со содржина која навестувала дека тој ќе изврши самоубиство.

„Во пораката пишуваше дека неговите родители ќе го најдат во Државна болница и да се грижиме за неговиот брат“, раскажа сведокот.

По ова залудни биле јавувањата и кај Никола и кај Дијана, кои не одговарале на телефонските повици. Вознемирени од содржината на пораката, сведокот, неговиот брат и уште едно лице, исто така нивни другар, се упатиле кон Клиника. Во Клиниката, како што посочи сведокот, колешка на Дијана им рекла дека последен пат ја видела како се качува по скалите нагоре, но дека најверојатно е замината бидејќи ѝ завршила смената. По ова тројцата тргнале по скалите и по пат го сретнале чуварот.

„Во обид да извлече информација, брат ми му се претстави на чуварот како брат на Никола, но тој не нѐ пушти нагоре и ни рече дека во секој момент ќе дојде полиција“, раскажа сведокот и додаде дека подоцна полицијата ја затворила зградата, а тие биле упатени да заминат, по што дознале за трагичниот настан.

Полномошникот на оштетените, адвокатот Донче Наков, рече дека во однос на барањето за отштета ќе се произнесе во текот на судењето, откако ќе бидат доставени одредени податоци.

Судењето ќе продолжи на 8 јули во 9.30 часот со изведување на докази.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk