/ Прочитано:

1.588

Обвинител плус, полициски омбудсман и неупотребување на гумени куршуми  – дел од реформите на полицијата

Министерството за внатрешни работи учествува во работните групи за подготoвка на Предлог-законот за заштита на сведоци и Законот за заштита на приватност кои се во надлежност на Министерството за правда.

Текстот на Предлог-законот за заштита на сведоци е подготвен, истакна на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Дефинирани се моделот и правната рамка за воспоставување на надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата во соработка со Советот на Европа и Народниот правобранител. Овој модел предвидува формирање посебно одделение во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (Обвинителство плус) и формирање посебна организациска единица кај Народниот правобранител како механизам на граѓанска контрола (омбудсман плус или полициски омбудсман). Овој модел ќе биде одлична законска гаранција за независна контрола над работата на полицијата“, истакна Спасовски.

Во соработка со невладиниот сектор и Народниот правобранител, истакна Спасовски, се решивме за елиминација на законската можност полицијата да употребува гумени куршуми и електрични парализатори.

„Она што сакам да го потенцирам е дека во изготвувањето на сите нови закони ја консултираме и ќе ја консултираме научната јавност, со цел да добиеме што е можно поквалитетни решенија.“

Спасовски истакна дека се зајакнати и контролите и постапувањето на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Добиени се 189 претставки поднесени од граѓани и правни лица кои алармираат за непрофесионално постапување на вработени во МВР. Вкупно 127 полициски службеници постапиле спротивно на правилата и прописите, против 91 е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, од кои на 10 им е изречена мерка суспензија. Поднесени се пет кривични пријави, четири за злоупотреба на службена должност и една за  несовесно работење во службата.

Во изминатиот период, започната е реформа на системот за следење на комуникациите на начин што, пред сè, ќе се гарантира независна и експертска контрола, која ќе се спроведе преку зајакнување на капацитетите за собраниски надзор, но и воспоставување нови механизми за цивилна и експертска контрола. Со реформата се предвидува отстранување на посредничката улога на Управата за безбедност и контраразузнавање и елиминирање на секоја можна злоупотреба. Концептот на реформата е воден од препораките на групата експерти предводена од Прибе, а земени се предвид и извештаите на релевантните меѓународни организации. Следен чекор е до крајот на годината да бидат поднесени предлозите на законските решенија, со обврска во нивната изработка да се вклучат и претставници на Собранието, граѓанското општество и академската јавност.

Во почетна фаза е и реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање преку која ќе се гарантира дека Управата ќе го врати својот углед на професионална и реномирана служба. Основни цели на оваа реформа се: професионалност, департизација и транспарентност.

М.В