/ Прочитано:

1.039

Обвинителите на напредна обука за новиот ЗКП

Во насока на продолжување на спроведувањето на обуките за новиот ЗКП, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, организираа обука на тема ,,Истражни дејствија/Ефективна истрага”.

akademik foto 1

„ЗКП е во сила од декември 2013 година, и за овие две и пол години практичната примена укажува на тоа дека постојат концептуални и технички проблеми во неговата примена. Повратните информации кои се добиени за време на настаните и обуките за реформите на кривичното право, посебно во текот на изминатата година, укажуваат на практични предизвици и проблеми за практичарите при справувањето со нив и затоа беше посочено дека овие прашања треба да бидат тема на понатамошни обуки како најважни за разбирањето на практичарите во однос на динамиката и основите на странечката постапка“, истакна во своето воведно излагање директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.

На денешниот настан, на кој присуствуваа јавни обвинители и стручни соработници од сите апелациони подрачја, се говореше за улогата на јавниот обвинител според странечката постапка во ЗКП и за спецификите и за проблематичните прашања во врска со истражните дејствија според македонскиот и според Законот за кривичната постапка на федерацијата Босна и Херцеговина. На настанот се говореше и за етиката на јавните обвинители.

За овие теми говореа д-р Тодор Витларов, јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Штип и  Далида Бурзиќ, јавна обвинителка во Главното кантонално јавно обвинителство во Сараево.

Обвинителката Далида Бурзиќ истакна дека во БиХ со измените на кривичното законодавство во 2003 година измената е улогата на субјектите во истрагата. Според измените, истрагата е во надлежност на обвинителот, со тоа што одредени овластувања тој може да им пренесе на овластените службени лица.

„Преткривичната и претходната кривична постапка се споени во една истрага, а положбата на осомничениот во постапката е заслабнатa. Бранителот може да ги презема сите работи кога ќе дознае за истрагата и да ја подготвува стратегијата на својата одбрана. Улогата на судот е присутна во истрагата во онаа мера во која се ограничени и човековите права и слободите на граѓанинот“, подвлече Бурзиќ, пренесувајќи ги своите искуства како обвинителка.

Во врска со прашањето на етиката, проф. д-р Тодор Витларов истакна дека правото како систем на норми пропишани од државата, заедно со нејзиното право на репресивна власт, го воспоставува и го одржува општествениот поредок од неговото уривање, нарушување, спречува самоволие и самовластие и ги гарантира и ги заштитува човековите права.

„Етиката и правото се неразделно поврзани и проткаени со морални вредности и стандарди, како што се: слободата, еднаквоста, достоинството, мирот, безбедноста, правдата, почитувањето на човековите слободи и права. Карактерот на правото е да пропишува и да наредува, а на моралот да убедува или, поинаку кажано, правото вели ‘мора’, а моралот вели ‘треба’“, истакна Витларов.

M.В