/ Прочитано:

1.687

ОБВИНИТЕЛИТЕ НА ТРКАЛЕЗНА МАСА: Моќните луѓе никогаш нема да се откажат од обидите за влијание

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ организираше тркалезна маса на тема: „Улогата на јавниот обвинител во организацијата на работата на обвинителството“.

slika

На тркалезната маса се дискутираше за улогата на јавниот обвинител во организација на работата на обвинителството, а во контекст на самостојноста на јавните обвинители и спроведувањето на Законот за јавното обвинителство.

Хабиљ Иљази, обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, истакна дека во согласност со законските прописи јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација. Овие принципи, додаде Иљзи, се предвидени во членот 6 од Законот за јавното обвинителство, во кој се определува  дека „почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата“.

Во таа насока, Иљази укажа на членот 25 од Законот, во кој се пропишува декаЈавниот обвинител на Република Македонија има право да им дава задолжителни општи писмени упатства на вишиот јавен обвинител, на основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и на основниот јавен обвинител.

slika

„Вишиот јавен обвинител има право да дава задолжителни општи писмени упатства на основните јавни обвинители од своето подрачје. Вишиот јавен обвинител, основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и основниот јавен обвинител се должни да ги извршуваат задолжителните упатства“, се определува во членот 25 од Законот.

Обвинителот Иљази подвлече дека за доследна работа на обвинителите клучно е да се почитуваат принципите на хиерархија и субординација и, во таа насока, оцени дека обвинителите треба почесто да имаат средби на кои ќе можат да се разменат искуствата и да се акцентираат начините и  целите на спроведувањето на Законот, а со цел стручно и совесно и одговорно извршување на функцијата, но и еднаквост во постапувањето.

Но, за тоа, нагласи Иљази, е потребен и поголем ангажман, пред сѐ, од шефовите на обвинителствата.  Во таа насока и д-р Тодор Витларов, од Вишото јавно обвинителство Штип, подвлече дека обвинителите мора да ги почитуваат начелата на хиерархија и начелото на легалитет.

slika

„Обвинителството ги штити правата на нашите граѓани кои се нарушени со кривични дела. Затоа има и начело на легалитет и начело на хиерархија. Кој не ги сфатил тие работи, не му е место во јавното обвинителство“, рече обвинителот Витларов, кој се осврна и на прашањето за  самостојноста на јавните обвинители.

Повикувајќи се на Декларацијата од Бордо, Витларов истакна дека јавниот обвинител треба да биде лице со висок интегритет и со организациски вештини. Јавните обвинители поради својата функција постојано се изложени на јавни критики и затоа мора да бидат воздржани без „прејудицирање на своите правни ставови и коментирање на случаите на кои работат“.

Самостојноста на обвинителите се манифестира во институционални и субјективни критериуми. Институционалните критериуми се однесуваат на начинот на избор на јавните обвинители, траењето на нивниот мандат, критериумите за унапредување во службата и финансирањето на Обвинителството.

slika

Субјективниот критериум, пак, се манифестира во сопствениот интегритет на јавниот обвинител да одолее на сите влијанија и притисоци заради зачувување на самостојноста на вршењето на функцијата.

„Моќните луѓе според материјалниот и општествениот статус нема никогаш да се откажат од обидите за влијание врз обвинителите, независно од мотивите и од причините. Јавните обвинители нема да престанат да бидат пред испитот на искушенијата, но од нивниот интегритет, од нивната издржливост и од нивната отпорност за зачувување на самостојноста ќе зависи владеењето на правото и спроведувањето на законите, почитувањето на принципот на легалитет и легитимитет. Овој интегритет не може да им го даде некоја институција. Функцијата е сложена и одговорна и обвинителите е потребно да го имаат и да го развијат чувството на професионализам и одговорност“, истакна обвинителот Витларов.

М.В