/ Прочитано:

556

ОБВИНИТЕЛСТВО: Кривичните пријави на СДСМ се земени во работа — се вршат проверки кој ги објавил видео материјалите

Петок, 6 март 2015 – „Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека кривичните пријави поднесени од СДСМ, Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Тито Петковски и Андреј Жерновски, се земени во работа“, информираа денеска од Обвинителството.

Притоа, оттаму посочуваат дека се повикани подносителите на кривичните пријави, дел од нив се сослушани пред јавниот обвинител и во тек е преземањето и на други дејствија со цел да се соберат известувања и релевантни докази за одлучување по кривичните пријави.

Вчера опозицијата до Основното јавно обвинителство поднесе проширување на кривичната пријава, што претходно беше поднесена за кривичното дело неовластено прислушување и тонско снимање.

Во однос на снимките кои протекоа во јавност, а на кои се гледаат Груевски и Заев, како и Љубе Бошкоски и наводниот загрозен сведок во случајот „Кампања“ од Обвинителсвото потенцираат дека се вршат проверки за тоа кој, кога и на кој начин ги објавил материјалите за кои се коментира дека потекнуваат од примена на посебни истражни мерки.

„Воедно, по однос на објавените снимки и други материјали за кои се коментира дека наводно потекнуваат од примена на посебни истражни мерки, јавното обвинителство известува дека се издадени наредби до надлежни органи за преземање мерки и дејствија со цел да се извршат проверки за да се соберат известувања за тоа кој, кога и на кој начин ги објавил материјалите, нивното потекло, како и сите други правно релевантни податоци“, исталнуваат од Обвинителството.