/ Прочитано:

1.333

Обвинителството бара укинување на пресудите и враќање на предметот „Монструм“ на повторно одлучување

Укинување на првостепената и второстепената пресуда и враќање на предметот „Монструм“ на повторно одлучување побара јавната обвинителка Лилјана Спасовска на јавната седница  на која се разгледуваа жалбите за доживотните затворски казни, кои на осудените им ги изрече Основниот суд, а ги потврди и Апелацискиот суд.

Барањето на јавниот обвинител е поради неутврдена фактичка состојба, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката.

Осудените за петкратното убиство кај Смилковското езеро, кои и во текот на постапката пред Основен суд и пред Апелација тврдеа дека се невини, на јавната седница во Врховниот суд повторно ги отфрлија обвинувањата.

Еден од адвокатите на обвинетите, Ѓорѓи Настевски, појаснувајќи ја жалбата, нагласи дека судот не прифатил повеќе факти за кои тие како бранители сметаат дека ќе влијаат врз пресудата, односно дека ќе се докаже нивната невиност. Тој, меѓу другото, наведе дека со дел од доказите за чаурите од испуканите куршуми пронајдени на местото на убиството и возилото кое е вештачено не се докажува вината на обвинетите, односно дека не постои доказ дека тие се сторители на делото.

Адвокатот Насер Рауфи обвини дека е извршено монтирање на кривичното дело, а како доказ за тоа тој го посочи заштитениот сведок Е1 кој изнел, како што рече, контрадикторни докази во повеќе наврати од сослушувањето. Тој посочи и дека според судското вештачење, времето на смртта на жртвите не можело прецизно да се утврди, а сведоците не ги препознале обвинетите.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор се осудени: Алил Демири, Африм и Аѓим Исмаиловиќ и Езим и Хаќи Азири и Самил Љута. Масакрот кај Смилковското езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.