/ Прочитано:

791

Обвинителството побара притвор за четворица демонстранти на протестите во вторникот

Четврток, 7 мај 2015 – Основното јавно обвинителство Скопје предложило да се определи мерка притвор за четири лица кои учествувале во протестите пред Владата во вторникот откако од Министерството за внатрешни работи примило кривична пријава за делото „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“. 

„Постапувајќи по поднесената кривична пријава, со цел да се обезбеди непречено одвивање на истрагата, од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесен Предлог за определување мерка притвор против сите четири осомничени лица поради постоење на околности кои укажуваат на опасност од бегство и поради постоење на особени околности што го оправдуваат стравувањето дека осомничените ќе го повторат делото, а со оглед дека се работи за кривично дело против јавниот ред“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Освен нив, идентификувани се уште девет други лица, од кои седуммина од Скопје и две лица од Битола осомничени за насилни инциденти на протестите.  Протестите во вторникот завршија со судир меѓу демонстрантите и полицијата и на крајот на протестот имаше повредени полицајци и демонстранти и приведени лица. Протестите коишто беа организирани во средата се одржаа пред Собрание и завршија без поголеми инциденти.