/ Прочитано:

1.828

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ПОСЕБНИТЕ ИСТРАЖНИ МЕРКИ: Сè повеќе прислушувани и следени лицa

Изминатата година биле применети посебни истражни мерки против 219 лица, се вели во последниот извештај на Јавното обвинителство за примената на посебните истражни мерки. Во однос на претходните години, зголемен е бројот на лица против кои се применети овие мерки, истакнуваат од Обвинителството.

JO: Смислено кршење на човековите права за повисоки цели

Од Јавното обвинителство образложуваат дека посебните истражни мерки, по својата природа, претставуваат смислено кршење на одредени човекови слободи и права гарантирани со Уставот и со меѓународните документи заради остварување повисоки цели, заради заштита на општеството и на граѓаните од тешки форми на криминал и заради ефикасна и успешна борба со криминалот.

„Со ваквите инструменти органите на кривичниот прогон добиваат дополнителна ‘алатка’ која им овозможува проактивна улога уште во претходна фаза, која досега беше невозможна, додека се подготвува кривичното дело“, велат од ЈО.

Посебните истражни мерки во ЗКП

Посебните истражни мерки, нивниот вид и број  е утврден со чл. 252 од Законот за кривична постапка. Тоа се: следење и снимање на телефонски и другите електронски  комуникации; следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и  влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации; тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен; таен увид и пребарување  во компјутерски систем; автоматско, или на друг начин пребарување и споредување на  личните податоци; увид во остварени телефонски и други електронски  комуникации; симулиран откуп на предмети;  симулирано давање и примање поткуп; контролирана испорака и превоз на лица и предмети; користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци; отворање симулирана банкарска сметка  и симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци.

Посебни истражни мерки против 219 лица

На ниво на Република Македонија во сите основни јавни обвинителства во текот на 2014 година применети се посебни истражни мерки од чл. 252 од ЗКП во 88 случаи против 183 лица со утврден идентитет и 36 лица со неутврден идентитет. За 24 случаи за 106 лица постапката е процесирана или против лицата е поднесено обвинение во 15 случаи, против 17 постапката е запрена поради тоа што не биле обезбедени доволно докази“, велат од Јавното обвинителство.

Какви посебни истражни мерки биле применети, во колку случаи и против колку лица?

Според податоците, мерката од членот 252 ст.1 т.1 „Следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон“ е применета во вкупно 48 случаи, против 183 лица со утврден идентитет и против 19  лица со неутврден идентитет.

Мерката од членот 252 ст.1 т.2 „Следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или  во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации“ е применета во вкупно 6 случаи, против 43 лица со утврден идентитет и против 15 лица со неутврден идентитет.

Мерката од членот 252 ст.1 т.3  „Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен“ е применета во вкупно 37 случаи против 136 лица со утврден идентитет и против 23 лица со неутврден идентитет.

Мерката од членот 252 ст.1 т.4  „Таен увид и пребарување во компјутерски систем“ е применета во вкупно 2 случаи против 34 лица со утврден идентитет и против 2 лица со неутврден идентитет.

Мерката од членот 252 ст.1 т.5 „Автоматско, или на друг начин, пребарување и споредување на личните податоци“ не била применета во ниту еден случај.

Мерката од членот 252 ст.1 т.6 „Увид во остварени телефонски и други електронски комуникации“ е применета во вкупно 34 случаи против 88 лица со утврден идентитет и 14 лица со неутврден идентитет.

Мерката од членот 252 ст.1 т.7 „Симулиран откуп на предмети“ е применета во 1 случај против 3 лица со утврден идентитет.

Мерката од членот 252 ст.1 т.8 „Симулирано давање и примање поткуп“ е применета во вкупно 9 случаи против 19 лица со утврден идентитет и против 1 лице со неутврден идентитет.

Мерката од членот 252 ст.1 т.9  „Контролирана испорака и превоз на лица и предмети“ не била применета во ниту еден случај.

Мерката од членот 252 ст.1 т.10  „Користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци“ е применета во вкупно 4 случаи против 8 лица со утврден идентитет.

Мерката од членот 252 ст.1 т.11 „Отворање симулирана банкарска сметка“ не била применета во ниту еден случај.

Мерката од членот 252 ст.1 т.12 „Симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци“ не била применета во ниту еден случај.

Зголемен е бројот на лица против кои се применети овие мерки

Јавното обвинителство констатира дека од досегашната примена на посебните истражни мерки не се произлезени трошоци за Јавното обвинителство или за судот со оглед на тоа дека Министерството за внатрешни работи директно ги спроведувало овие мерки.

„Во однос на претходните години, зголемен е бројот на лица против кои се применети овие мерки, што укажува на тоа дека предмет на опфат со посебните истражни мерки се дела од областа на организираниот криминал“, истакнуваат од Обвинителството.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk

2.7. 2015