/ Прочитано:

2.325

Обврската за извршување на одлуките на ЕСЧП произлегува од членот 46 од Европската конвенција за заштита на човекови права

Во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“,организираше советување за извршување на пресудите на ЕСЧП, на кое свое излагање имаа м-р Даница Џонова од Бирото за застапување на Република Македонија пред ЕСЧП и д-р Воислав Стојановски, од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На советувањето, предавачите Џонова и Стојановски укажаа на потребата од ефикасно извршување на пресудите на ЕСЧП, особено во однос на потребата од повторување на домашните постапки по донесена пресуда на ЕСЧП, со која е констатирана повреда. Обврската  на државата за извршување на одлуките на Судот произлегува од членот 46 од Конвенцијата за човекови права, во кој се истакнува дека високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во споровите во кои се странки.

Во согласност со членот 46 од ЕКЧП, Комитетот на министри врши надзор над извршувањето на пресудите на ЕСЧП. Ваквата надлежност Комитетот во принцип ја реализира во текот на 4 редовни состаноци во текот на годината.

Мерките што се очекува да бидат преземени од страна на државата во процесот на извршување се од два вида. Првиот вид мерки, индивидуалните мерки, појаснуваат од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, се однесуваат и се насочени кон апликантот.

Тие се насочени кон отстранување на последиците кои апликантот ги трпел како последица на повредите на Конвенцијата, констатирани во пресудата на ЕСЧП и имаат за цел постигнување на „restitutio in integrum“ (враќање во поранешна состојба) во најголема можна мера.

„Обврската за преземање на индивидуални мерки има два аспекта: прво, државата во принцип има обврска на апликантот да му исплати определeн паричен износ на име правично обесштетување, односно надомест за штета за констатираната повреда на Конвенцијата, а досуден од страна на ЕСЧП во согласност со членот 41 од Конвенцијата“, образложуваат од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП.

Вториот аспект, додаваат од Бирото, се однесува на фактот дека последиците од повредата не секогаш се соодветно ремедирани исклучиво со исплатата на правичното обесштетување во износ досуден од страна на ЕСЧП или, пак, со самото констатирање на повреда на ЕКЧП. Во зависност од околностите, обврската за restitutio in integrum може да бара преземање понатамошни мерки, како на пример, повторување на постапката за која ЕСЧП констатирал дека била спроведена во спротивност со член 6 од Конвенцијата  (право на правично судење).

Вториот вид мерки, општите мерки, се однесуваат на обврската на државата да превенира идни слични повреди на Конвенцијата или ставање крај на континуираните повреди на Конвенцијата (како на пример, законски или дури и уставни измени или, пак, зголемување на бројот на персоналот, измена на постојните практики и сл.).

„При оценката на општите мерки, Комитетот на министри особено внимание посветува на ефикасноста на мерките од аспект на превенирање на идни слични повреди на ЕКЧП и на тој начин, превенирање на т.н. ‘клонирани случаи’ пред ЕСЧП, со наводи за исти, односно слични повреди на Конвенцијата, како оние веќе утврдени од страна на ЕСЧП во претходни пресуди. Ова е особено важно од аспект на извонредно големиот број апликации со кој се соочува ЕСЧП во последните години и потребата од обезбедување долгорочна ефикасност на системот на извршување“, велат од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП.

Постапката за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, донесени по предметите против Република Македонија, се уредува со Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Извршувањето на одлуките на Судот се обезбедува со исплата на досудените средства на жалителите, како правична отштета и усвојување и преземање поединечни и општи мерки, заради отстранување на повредата и последиците кои настанале од неа, како и на причините што довеле до поднесување на жалби пред Судот и соодветно спречување исти или слични повреди. Извршувањето на одлуките на Судот, во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, е задолжително за Република Македонија.

M.В