/ Прочитано:

2.104

Обврските на издавачите и глобите за нивното непочитување во новиот Предлог-закон за издавачката дејност

Четврток, 11 декември 2014 – Со овој предлог-закон се уредува вршењето на издавачката дејност, задолжителните податоци на публикацијата, меѓународните стандардни броеви, каталошкиот CIP-запис, доставувањето на задолжителен примерок, како и други прашања поврзани со вршењето на издавачката дејност во Република Македонија, се вели во образложението на Предлог-законот за издавачката дејност кој се наоѓа во собраниска процедура.

Во законското решение издавачката дејност е дефинирана како процес на производство и дистрибуција на уметничките, литературните и другите дела до јавноста. Преку издаваштвото делата стануваат достапни до јавноста.

 Стандардизација на поими

 Со членот 2 од Предлог – законот е направена стандардизација на поимите релевантни за издавачката дејност. Имено, дадени се дефиниции на поимите: издавачка дејност, публикација, електронска публикација, издавач, печатница, задолжителен примерок, издание, ново издание, ISBN – меѓународен стандарден број за книги (international standard book number), ISSN – меѓународен стандарден број за периодични публикации и континуирани извори (international standard serial number), ISMN – меѓународен стандарден број за музички нотни изданија (international standard music number), ISRC – меѓународен стандарден број за звучни снимки (записи) и музички видеозаписи (international standard recording code), ISAN  – меѓународен стандарден број за аудиовизуелни дела и нивни верзии, ISWC – меѓународен стандарден број на музичко дело, DOI – меѓународен идентификатор на дигитални објекти/ електронски документи, кој може да се реализира преку системите Handle и Crossref. HENDL.NET е систем за постојани врски (линкови) до дигитални објекти и Каталошкиот запис CIP.

Издавачот мора да има уредник

Во Предлог–законот е дефинирано дека издавачка дејност вршат физички лица и правни лица регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија за вршење издавачка дејност.

 Исто така, со Предлог-законот се регулира дека издавачот мора да има уредник, кој е одговорен за целокупната издавачка продукција, како и за квалитетот на издадената публикација. Покрај уредникот, издавачот може да има приредувач, рецензент, лектор, коректор, преведувач, ликовен и технички уредник.

 „Во процесот на издаваштвото, уредникот има клучна улога во обезбедувањето на квалитетот на издадената публикација. Уредникот ја донесува првичната одлука за издавањето на делото, ја организира стручната обработка на делото и го одобрува неговото печатење. Уретникот се грижи за квалитетот на изданието. Заради обезбедување заштита на правата на авторот, со Предлог-законот се пропишува обврска издавачот пред објавување на публикацијата, задолжително да склучува договор за регулирање на меѓусебните права и обврски со авторите кои учествуваат во изработката на публикацијата (автор, имател на авторско право, уредник, приредувач, преведувач, редактор, рецензент, лектор, коректор, ликовен и технички уредник и други лица), со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски и други слични прашања кои се релевантни за вршењето на издавачката дејност. Со Предлог–законот,исто така, се утврдуваат и обврските што е должен да ги изврши издавачот спрема авторот“, посочуваат од Министерството за култура.

Задолжителни податоци за публикацијата

Со Предлог–законот се пропишува кои задолжителни податоци треба да ги содржи публикацијата, и тоа:  податоци за издавачот/соиздавачот (назив и седиште); наслов на публикацијата и име и презиме/имиња и презимиња на авторот/авторите, носителот на авторското право; име и презиме на уредникот, преведувачот, приредувачот, илустраторот, лекторот и на други лица; назив и седиште на печатницата/произведувачот; место на издавање; година и број на изданието; број на периодичната публикација; при повторно издание, податоци за издавачот, место и година на објавување на првото издание; ознака С (copyright) со името на носителот на авторското право и годината на првото објавување; тираж на публикацијата, CIP-запис  или идентификацискиот број на CIP-записот (за оние публикации што подлежат на CIP-запис), меѓународни стандардни броеви за публикацијата (ISBN, ISSN, ISMN, ISRC, ISAN, ISWC, DOI, HENDL.NET).

Со Предлог-законот е утврдено дека меѓународните стандардни броеви и Каталошкиот CIP-запис, по барање на издавачот, ги издава Националната установа Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Доколку публикацијата не ги содржи утврдените и пропишани податоци, со Предлог–законот се утврдува дека таа не смее да биде ставена во промет.

Заради заштита, чување и користење на публикациите, издавачот, кој е регистриран во Република Македонија, доставува пет задолжителни примероци од публикациите што ги издал како издавач или соиздавач до Националната установа Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Прекршочни одредби

Надзорот над спроведувањето на овој закон ќе го врши Министерството за култура, а со Предлог-законот се пропишуваат и прекршочни одредби, а како едни од казните се наведени: глоба во износ од 1000 евра до 1500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако: издавачот не назначи уредник, издавачот не му овозможи на авторот корекции и други измени при подготовката на изданието, издавачот не достави годишен извештај за својата издавачка продукција, издавачот не ја достави електронската публикација до Националната библиотека во формат кој е соодветен на меѓународните универзални стандарди за достапност на информациите. Потоа глоба во износ од 1500 евра до 3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако: пред објавувањето на публикацијата не склучи договор со авторот и со другите лица кои учествуваат во подготовката на публикацијата,не ја издаде публикацијата во тираж кој е наведен како задолжителен податок на публикацијата, не достави задолжителен примерок до Националната библиотека во утврдениот рок итн.

>>>Предлог-закон за издавачката дејност

M.В /veljanoskim@akademik.mk