/ Прочитано:

1.335

ОД ИСТОРИСКИТЕ ВРЕДНОСТИ ДО ИДНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ: Адвокатите се вистински заштитници на правата и слободите на граѓаните

На денешен пред 70 години, на предлог на адвокатот и министер за правосудство д-р Павел Шатев, Министерскиот совет при АСНОМ донесе решение со кое се создава Скопската адвокатска комора со надлежност на Федерална Македонија, што официјално претставува и актот со кој е основана македонската Адвокатска комора. По повод денешниот значаен историски датум, Никола Додевски, претседател на АКРМ со порака до адвокатите и граѓаните: Адвокатите треба да бидат единствени, гордо и достоинствено да ја извршуваат својата професија и за граѓаните тоа се вистинските заштитници на човековите права.

16 јуни 1945 година. На овој значаен историски датум основана е Адвокатска комора и македонската адвокатура во слободна, асномска Македонија, кој воедно го означува најсветлиот историски момент во развојот на македонската адвокатура, проткаен со имињата на епопејата на македонските адвокати-револуционери чии дела се вградени во изградбата на македонската држава и адвокатура.

Континуитетот на македонската адвокатура, низ различните времиња на нејзиното етаблирање, секогаш се засновал на идеите за заштита на правата и слободите и кон тие вредности и во иднина мора да се стремат заштитниците на човековите права, како што беше нагласено на  одбележувањето на 70-годишнината од македонската адвокатура.

На овој настан, пред бројни претставници на регионалните, европските и светските адвокатски комори и сојузи, пред претставници на правосудството, државните институции, домашната адвокатура, академската заедница и публицистика, како и пред бројни почитувачи на адвокатурата и правото, Адвокатската комора на Република Македонија, повикувајќи се на својата историска традиција, уште еднаш ги зацрта  насоките на своето дејствување, кои, како што беше истакнато, се засновани врз вредностите на кои е поставена македонската адвокатура, а тоа се заштитата на човековите слободи и права и почитувањето на начелата на правната држава.

Во оваа пригода заменик-министерката за правда, Билјана Бришкоска- Бошковски, која во своето обраќање, акцентирајќи го значењето на македонската адвокатура, јавно им се заблагодари на македонските адвокати и на Адвокатската комора за извонредниот придонес кој го имаат во општеството и за државата.

На денешниот значаен датум, кој претставува синоним за борбата за човековите права и контекстот на етаблирањето на Адвокатската комора и профилирањето на адвокатската заедница како заштитник на правата и слободите, претседателот на Адвокатската комора, Никола Додевски, истакнува дека адвокатите треба гордо и достоинствено да ја бранат својата професија.

„На адвокатите им порачувам дека треба гордо и достоинствено да ја извршуваат  својата професија и уште повеќе во секој момент да ја штитат. Секој адвокат во секоја ситуација да ја брани адвокатурата од напади, од потценувања и од негативен пристап и во таа одбрана да нема отстапки. Тоа е заедничка одбрана на македонските адвокати во која сите мора да бидат единствени и меѓусебно да се поддржуваат“, нагласува Додевски.

Тој истакнува дека адвокатите се угледни луѓе и во Македонија и во светот и негирањето на оваа професија доаѓа најмногу од оние кои, како што вели, имаат најмногу да сокријат во своето однесување. Додевски упатува порака и до граѓаните, посочувајќи им дека адвокатите се вистински заштитници на нивните права.

„На граѓаните сакам да им порачам дека адвокатите се вистинските заштитници на нивните права и слободи и во секој момент треба да ја бараат нивната помош и одбрана. Тие што ги убедуваат дека не им треба адвокат, или дека секој може да им ја заврши работата, им чинат на граѓаните непоправливи штети. Небитно која е позицијата на таквите „убедители“, тие се непријатели на граѓаните и на адвокатурата. Еве, и мојава порака, на 70-годишнината на адвокатурата, е цел ова да се разбере пред да настапат штети што најчесто се непоправливи за граѓаните. Единственото и вистинското место за правна помош се адвокатите“, истакнува претседателот на Адвокатската комора, по повод 16 јуни, денот на кој пред седумдесет години официјално се основа Адвокатската комора на Македонија и македонската адвокатура.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

16.06.2015