/ Прочитано:

1.253

Одбележана 25-годишнина од Конвенцијата за правата на детето

Четврток, 20 ноември 2014 – Потребна е поголема иновативност за да не се случи децата да го пропуштат напредокот во сферата на правата на децата кој е постигнат во текот на последните две и пол децении, се согласија претставниците на УНИЦЕФ и парнерите на одбележувањето на 25-годишнината од Конвенцијата за правата на детето.

Заменик-правобранителот Васка Бајрамовска – Мустафа, министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми, заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и претставникот на УНИЦЕФ Бертран Демулен повикаа да се искористат придобивките од новата глобална поврзаност и партнерства за, како што истакнаа, да се решат незавршените работи заради кои некои деца се уште заостануваат.

„Денес луѓето се многу поповрзани од кога било досега, а претходното заемно исклучување на локалните и глобалните проблеми и решенијата за нив веќе исчезнува“, рече Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ.

Тоа, според него, претставува можност да се поттикнуваат нови начини да се унапредат правата на секое дете – особено на најобесправените и најранливите – децата со попреченост, децата од разни етнички заедници и децата жртви на насилство.

Прифаќајќи ја потребата да се охрабрат децата за тие самите да станат проактивни во разбирањето и барањето на нивните права, на настанот партнерите ја промовираа новата интерактивна онлајн игра за Конвенцијата за правата на детето – „Правата на детето не се паднати од Марс”.

Онлајн апликацијата која што е подготвена со поддршка од УНИЦЕФ заедно со канцеларијата на Народниот правобранител,  има за цел да се подигне свеста меѓу децата за нивните права на интерактивен начин, да ги едуцира за правата, но  и да послужи како алатка за наставниците во основните училишта кои предаваат предмети за човековите слободи и права.

„Нашите посети  во основните и средните училишта и непосредните разговори со децата потврдуваат дека најголемиот број од нив на училишна возраст користат интернет, знаат дека имаат гарантирани права со Конвенцијата за правата на детето, но се уште недоволно умеат да распознаваат што е право, а што обврска и недоволно може да препознаваат повреда на правата“, рече Бајрамовска-Мустафа.

Сакавме, додаде таа, да го искористиме користењето на компјутерите од страна на децата во училиштата и да развиеме алатка со која децата ќе се ангажираат околу учењето и унапредувањето на нивните права, така што тие сами ќе придонесат за остварувањето на  правата на детето.

Покрај постигнатиот напредок, правата на многу деца се повредуваат секој ден, а веројатноста за смртност на децата пред нивниот петти роденден е два пати поголема кај 20 проценти од најсиромашните деца во споредба со 20 проценти од најбогатите деца, речиси едно на четири деца во најмалку развиените земји е вклучено во детски труд, и милиони деца редовно се соочуваат со дискриминација, физичко и сексуално насилство, злоупотреба и занемареност.

„Резултати може да се постигнат само доколку сите чинители заеднички преземат актвности и ако креираме политики кои се засновани на податоци“, рече заменик министерот за труд и социјална политика.

Во текот на настанот, УНИЦЕФ исто така го презентираше и извештајот Состојбата со децата во светот – Поинаква иднина: Иновации за секое дете – збир од пионерски иновации и интерактивна платформа на која се мапираат иновациите во сите земји ширум светот и притоа се канат иноваторите да ги постават своите идеи „на мапата“.

Извештајот, како што соопшти денеска Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија, ги повикува владите, професионалците за развој, бизнисите, активистите и заедниците да работат заедно за да се поттикнат нови идеи за справување со некои од најголемите проблеми со кои се соочуваат децата – и да се изнајдат начини за зголемување на најдобрите и најветувачките локални интервенции.

Извор: МИА