/ Прочитано:

2.887

ОДБРАНА ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ: Неправичниот третман на адвокатите е загрозување на правото на правично судење

Денеска се одржа завршната конференција во рамките на регионалниот проект „Унапредување на заштитата на правата на обвинетите во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Македонија и Албанија“, координиран од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Српска, со поддршка на Канцеларијата на Американската адвокатска комора во Скопје. Во рамки на проектот беше изготвена компаративна анализа на ниво на Западен Балкан, во врска со правото на бесплатен бранител по службена должност кога обвинетиот е сиромашен, односно кога тоа го бараат интересите на правдата и задолжителна одбрана со бранител.

foto akademik

На почетокот на денешниот настан со поздравни говори се обратија Елизабет Гивенс, програмска директорка во Американска адвокатска комора, и координаторката на проектот Тамара Зрновиќ од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Српска. Гивенс и Зрновиќ го нагласија значењето на проектот, потенцирајќи дека тој е во функција на изнаоѓање на најдобро можно решение за реформа на системот за одбрана по службена должност како еден од клучните сегменти во правосудниот систем.

foto akademik

Тие изразија задоволство што на денешната конференција присуствуваа голем број на адвокати од сите генерации, кои ги споделија своите искуства за ефективноста на правната заштита на обвинетите и потребата од унапредување на системот за одбрана по службена должност. Според Зрновиќ, еден од поголемите проблеми во врска со ангажирањето адвокати по службена должност е што се ангажираат едни исти адвокати.

foto akademik

„Тука се јавува најголемиот проблем. Тоа не е кај нас супер решение поради тоа што пред судовите постојано се појавуваат исти адвокати, од 10 до 15, и едноставно, во Босна и Херцеговина се многу високи цените и одбраната по службена должност стана бизнис, истакна Зрновиќ.

foto akademik

Во таа насока, за правото на одбрана по службена должност низ призмата на Адвокатската комора на РМ, на настанот говореше и Никола Додевски, претседател на Адвокатската комора на Република Македонија. Додевски истакна дека одбраната по службена должност се соочува со низа проблеми и дека за отстранување на таа, како што нагласи, темна дамка во македонското правосудство неопходни се промени во самиот однос кон бранителите по службена должност, промени во кривичнопроцесното законодавство, но и промени во начинот на плаќање на екс официо одбраната.

foto akademik

„Потребни се измени во ЗКП, кои ние веќе ги предложивме, а кои се однесуваат на членот 74 од Законот за кривичната постапка. Во Законот за кривичната постапка треба децидно и недвосмислено да се предвиди дека именувањето на адвокатите по службена должност ќе биде во надлежност на Адвокатската комора на Република Македонија, со што ќе нема никакво друго мешање во составувањето на листите на адвокатите по службена должност. Значи, потребно е само Адвокатската комора да го има ексклузивното право на составувањето на листите“, посочи Додевски.

Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија посочи дека од исклучително значење е плаќањето на адвокатите по службена должност да биде, како што нагласи, навремено и без редуцирана тарифа.

foto akademik

„Ненавременото плаќање и плаќањето со редуцирана тарифа претставува девалвирање и демотивирање на адвокатите. Тука не се работи за трка за заработка, туку за трка за еднаков третман на адвокатите“, нагласи Додевски. Во таа насока, тој порача дека недозволиво е судовите да „штедат“ во име на адвокатите, понижувајќи ја адвокатската професија која е дел од правосудството и потенцираше дека техниката на плаќање на адвокатите по службена должност не треба да биде, како што рече, во рацете на судовите, туку онаму каде што тоа треба да биде – во надлежност на Адвокатската комора на Република Македонија.

foto akademik

Додевски упати и критика кон однесувањето на одредени адвокати по службена должност, чиј сервилен однос бил евидентен дури и во нивното пропуштање да напишат жалба за пресуда за која е донесена казна ефективен затвор.

foto akademik

На Конференцијата говореше и проф. д-р Гордан Калајџиев, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, кој ја презентираше Анализата за ефективноста на правната заштита на обвинетите во Република Македонија, како и Документот за јавна политика.

Во Документот за јавна политика се посочува дека во Македонија постојаната пракса е оптоварена со немање јасни правила за назначување на застапници по службена должност, дека постои нееднаков третман на застапниците и невоедначена пракса која создава плодна почва за корупција, а практичната последица на тоа е загрозување на правото на правично судење.

foto akademik

„Постојат многу малку случаи во кои се обезбедува правна поддршка за луѓе без финансиски средства, што јасно покажува дека луѓето не се информирани или не се запознаени со своите права. Овој факт го продлабочува јазот во општеството и ги става сиромашните во нееднаква положба пред законот“, се вели во Документот, и се додава дека назначувањето на застапниците, вклучувајќи ги и листите и сите други компоненти, треба да биде одговорност на Адвокатската комора.

Комората, се вели во Документот, треба да инсталира софтвер што би водел евиденција за адвокатите по службена должност, вклучувајќи го и бројот на случаи, нивниот успех и сите останати релевантни податоци. Софтверот би требало да обезбеди случаен избор при назначување на адвокатите.

foto akademik

„Системот што обезбедува правичен третман на адвокатите не е од важност само за адвокатите, туку и за правата на обвинетите. На обвинетите треба да им се даде можност да бидат застапувани пред судот од адвокати избрани по пат на фер постапка, а не врз основа на корупција“, се подвлекува во Документот.

Во Документот за јавна политика се истакнува дека неспорно право на сите луѓе е да го изберат најквалификуваниот застапник што би можел да ги претставува пред судот. Фактот што некој не е во положба да плати адвокат, се вели во Документот, не треба да значи дека квалитетот на услугата би бил понизок или нееднаков на оној добиен кога се плаќа за услугата. Исто така, во Документот се истакнува дека застапниците соодветно треба да бидат платени за својата работа.

foto akademik

Хелсиншкиот комитет побарал и добил информации од 26 основни судови ширум државата што се однесуваат на поставувањето на бранители по службена должност, можноста за избор на бранител од страна на обвинетите лица, бројот на ангажирани бранители во 2015 година, начинот и времетраењето на исплата на бранителите и проверка на нивната компетентност од страна на судовите.

Според податоците на Хелсиншкиот комитет добиени од македонските судови, утврдено е дека на листите на адвокати кои постапуваат по службена должност се наоѓаат 970 адвокати, а од нив 643 биле ангажирани по службена должност. Сите адвокати кои биле ангажирани, биле ангажирани поради тоа што одбраната била задолжителна. Ниту еден суд во 2015 година не ангажирал адвокат поради тоа што обвинетиот бил сиромашен. Според податоците на Хелсиншкиот комитет постоеле и случаи во кои јавните обвинители повикувале адвокати по службена должност.

foto akademik

„Ова е неприфатливо затоа што јавниот обвинител и адвокатот се на различна страна на постапката и доколку вие како јавен обвинител повикате адвокат, се разбира дека тој адвокат нема да ги брани интересите на обвинетиот. Ова особено го имаме утврдено во големи предмети каде што се работи за злосторничко здружување, организиран криминал каде што понекогаш има и над 30 обвинети. Сме забележале дека постојат адвокати кои се назначени по службена должност и тие воопшто ништо не кажуваат, односно молчат за времето на целата постапка“, истакна Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет.

М.В / veljanoskim@akademik.mk