/ Прочитано:

893

Одбраната на Кежароски ќе бара вонредно преиспитување на пресудата пред Врховен

Петок, 16 јануари 2015 – Барање за вонредно преиспитување на пресудата пред Врховниот суд со цел да се исцрпат сите правни лекови во Македонија и жалба пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, се следните чекори на одбраната на Томислав Кежаровски, потврдува неговиот адвокат Филип Медарски.

„Откако ќе ја разгледам пресудата, ќе поднесеме барање за вонредно преиспитување на пресудата пред Врховниот суд со цел да ги исцрпиме сите правни лекови во Македонија и да поднесеме жалба пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, вели Медарски.

Според бранителот на Кежаровски, пресудата е атак на слободното новинарство и е преседан во Европа.

„Сега е веќе факт дека новинар е осуден за напишани и објавени два текста, што претставува преседан во Европа, а за Македонија претставува атак врз слободното новинарство“, истакнува тој.

Апелациониот суд со одлуката, која беше објавена вчера попладне, ја потврди пресудата за новинарот Томислав  Кежаровски, обвинет во случајот „Ликвидација“, но му ја преиначи затворската казна од четири и пол на две години.

Кежаровски е во притвор веќе една година и девет месеци. Шест месеци беше во одделението за притвор во Шутка, по што беше пуштен во домашен притвор. Со оглед на тоа што во  затворската казна се смета и времето поминато во притвор , на Кежаровски му остануваат помалку од четири месеци затворска казна.

 Е. П. / pavlovskae @akademik.com.mk