/ Прочитано:

837

Одложен стартот на судењето за Верушевски за неовластено држење оружје

Четврток, 14 мај 2015 – Судскиот процес против поранешниот директор на Управата за безбедност, Зоран Верушевски, за неовластено држење оружје се одложи за 4 јуни.

Главната расправа се одложи поради отсуство на бранителите на Верушевски. Имено адвокатот Ангеле Илиевски имал друго судење, додека  адвокатот Филип Медарски беше отсутен поради здравствени причини.

Основниот суд Скопје 1 го прими обвинението за овој случај кон крајот на март. Според МВР, при претрес во домот на Верушевски биле пронајдени два пиштола за кои, како што тврдат од полицијата, не поседувал дозвола.

 Адвокатот на Верушевски, Илиевски, пак, изјави дека едниот пиштол неговиот клиент го добил во 1983 година додека вршел службена должност и е регистриран во евиденцијата на МВР и за него не е потребно да се има дозвола. Според одбраната, и другиот пиштол бил регистриран, а Верушевски го добил како награда во 1997 година од тогашниот министер за внатрешни работи, Томислав Чокревски.

Верушевски, освен за поседување оружје, е првоосомничен во случајот „Пуч“ заедно со лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи. Обвинителството за овој случај го достави обвинителниот акт на 30 април и тој е распределен на совет за оцена.