/ Прочитано:

941

Одложена одлуката за непочитување на мерките на претпазливост од страна на Заев — судијата е на одмор

Четврток, 9 јули 2015 – Основниот суд Скопје 1 го примил известувањето на Основниот суд Струмица дека лидерот на опозицијата и четвртообвинет во „Пуч“, Зоран Заев, не ја почитува мерката на претпазливост, односно дека не се јавува во предвидениот термин во Судот, информираат од Основниот суд Скопје 1. Оттаму појаснуваат дека известувањето е доставено до надлежниот судија на претходна постапка, кој ја издал мерката за претпазливост, но дека судијата во моментов користи денови на редовен, планиран годишен одмор, поради што ќе постапува по известувањето по враќањето од годишен одмор.

 

„Постапувајќи по решение на овој суд, по предметот КОК ПП бр. 52/15-4, за јавување на обвинетиот Зоран Заев пред судија на претходна постапка, при Основниот суд во Струмица како мерка за претпазливост, судијата од Судот во Струмица го извести надлежниот судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје дека Зоран Заев на 6.7.2015 година не се јавил во Судот во Струмица во предвидениот термин.

Воедно, судијата на претходна постапка при Основниот суд во Струмица го извести Основниот суд Скопје 1 – Скопје дека на 6.7.2015 година во 9.25 часот  бил исто така известен од секретарот на Општина Струмица дека г. Зоран Заев тој ден нема да се јави во Судот. Исто така, секретарот на Општина Струмица не дал никакво оправдување ниту образложение за неговото отсуство и тоа е наведено во известувањето што го добивме.

Ова известување е доставено до надлежниот судија на претходна постапка при овој суд, кој ја издал мерката за претпазливост, за кој информираме дека во моментов користи денови на редовен, планиран годишен одмор, а по неговото враќање соодветно ќе постапува по ова известување“, информираат од Судот.

 Мерката за претпазливост е определена за случајот „Пуч“, во кој Заев е обвинет за насилство врз претставници од највисоката државна власт. На Заев му беше одземен пасошот и имаше наредба еднаш во неделата да се јавува во Судот во Струмица, со што ќе покаже дека е достапен за органите на прогонот. Потоа пасошот му беше вратен за да може да оди во Брисел на преговорите за надминување на политичката криза, но втората мерка остана на сила. 

 Непојавувањето пред судските органи Заев го најави уште минатата недела, кога јавно рече дека нема да се појавува на судските рочишта, зашто, како што истакна, не ја признава легитимноста на судовите.

„Нема да присуствувам на закажаните судски рочишта. Нема да продолжам да ја почитувам определената мерка да се јавувам во Судот секој понеделник во 9.00 часот, како и останатите мерки за обезбедување присуство за водење отворената кривична постапка “, рече Заев.

Во согласност со Законот за кривична постапка, кога обвинетиот не се придржува кон определената мерка за обезбедување присуство, судот може да му определи друга мерка за обезбедување присуство меѓу кои и куќен притвор и притвор. Судот најпрвин мора да утврди дали нејавувањето е од оправдани или од неоправдани причини.

Е. П.