/ Прочитано:

715

Одложено повтореното судење за лекарот Дејан Ставриќ

Вторник, 7 април 2015 – Неуредната судска доставка ја одложи повторената судска постапка за очниот лекар Дејан Ставриќ, кој е обвинет за примање мито. Главната расправа е презакажана за 23 април.

Минатиот месец Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата за офталмологот Дејан Ставриќ, кого Основниот суд Скопје 1 го осуди на една година затвор бидејќи наводно зел мито од 2.000 евра за да посредува при добивање инвалидска пензија.

„Судот го разгледа жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од чл. 415 ст. 1 т. 11 од ЗКП, па оцени дека истиот е основан со оглед да обжалената пресуда содржи такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита во однос на нејзината правилност и законитост, изреката на пресудата е недоволно јасна и разбирлива, а во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти што се од битно влијание за законито одлучување, по однос на кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот и неговата кривична одговорност“, се вели во решението на Апелација.

Ставриќ беше осуден во мај минатата година под обвинение дека противзаконски примил 2.000 евра, односно дека при медицински преглед на Клиниката за очни болести – Скопје дијагностицирал болест на очите кај пациент на кој му рекол дека со таква дијагноза повеќе нема да може да работи, но дека за парична награда може да посредува за инвалидска пензија.

За само едно рочиште Судскиот совет успеа да ги сослуша обвинетиот и сведоците, да ги разгледа доказите и да донесе пресуда.

Одбраната тврдеше дека се работи за монтиран процес и дека оштетениот, всушност, е „провокатор“,  кој е уценуван за да го оствари своето право.

Е. П.