/ Прочитано:

854

Одложено судењето на Демири и Исмаиловиќ во Приштина – екстрадицијата во рацете на министрите за правда

Понеделник, 24 јуни 2013 – Косовското Министерство за внатрешни работи ги завршило обврските за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се уапсени на Косово, а во Македонија се обвинети во случајот „Монструм“. Останува министрите за правда да ја довршат работата со нивната екстрадиција, вели косовскиот министер за внатрешни работи, Бајрам Реџепи. По два месеца откако се одржа првото рочиште во Косово во кое Демири и Исмаиловиќ одговараат за недозволено поседуање на оружје, судскиот процес требаше да продолжи утре, но судијата бил зафатен со друг предмет, па ќе се закажува нов датум.

Пред неполни два месеци се одржа првото рочиште од судскиот процес против Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кој се води во судот во Приштина поради обвинението за недозволено поседување на оружје. Судскиот процес требаше да продолжи утре, но главниот судија бил зафатен со друг предмет па ќе се закажува нов датум. 

Двете министерства за внатрешни работи на Косово и Македонија потврдија дека ќе се чека да заврши судскиот процес за нелегалното оружје, па дури потоа косовските власти ќе одлучуваат за испорачувањето во Македонија каде им се суди за тероризам.

„Ќе се придржуваме кон добрата сорботка помеѓу двете држави. Ние соработуваме и во областа на борбата и спречување на организираниот криминал. Како Министерство за внатрешни работи ги завршивме нашите обврски и останува министрите за правда да ја завршат работата со екстрадицијата и јас не можам да зборувам во нивно име“, рече министерот Реџепи.

Во последната изјава за медиумите, министерот за правда Блерим Беџети посочи дека Македонија презела се’ што може и дека нема на располагање други механизми за да ја забрза постапката за екстрадиција.

Пред речиси 4 месеци Демири и Исмаиловиќ беа упасени во Приштина, а полицијата во нивниот дом пронајде оружје и муниција. На почетокот надлежните институиции и во Косово и во Македонија најавуваа брза екстрадиција во куси рокови. За сега нема конкретен датум кога  Демири и Исмаиловиќ ќе бидат екстрадирани од Приштина во Скопје.