/ Прочитано:

1.487

Одложено второто подготвително рочиште за „Тврдина 2“

На денешното второ подготвително рочиште за предметот „Тврдина 2“, Судот му наложи на Специјалното јавно обвинителство да се обрати до Дирекцијата за заштита на класифицирани податоци и до МВР за дообјаснување околу барањето за судска употреба на доказите кои се сметаат за класифицирани информации.

Судница 1 Основен суд Скопје 1

За предметот „Тврдина 2“, кој се однесува на уништувањето на документација во врска со системите од незаконското прислушување, осомничени се поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Грујовски и шестмина вработени во УБК. Обвинетите се товарат за незаконско уништување на документација која, како што информираа во СЈО, била потребна во истрагата за откривање на начинот на кој Управата за безбедност и контраразузнавање вршела прислушување.

Минатата година во месец ноември исто така беше одложено судењето за уништувањето на документацијата во УБК. Како причина за одложувањето  беше наведено дека СЈО немало дозвола од Управата за безбедност и контраразузнавање да ги употребува класифицираните докази во судска постапка. Судијката Лидија Петровска тогаш побара од СЈО да обезбеди дозвола од УБК за декласифицирање на класифицираните докази во случајот со уништувањето на службената документација за да можат да се употребуваат во судска постапка.

На денешното второ подготвително рочиште за предметот „Тврдина 2“, Судот, пак,  му  наложи на Специјалното јавно обвинителство да се обрати до Дирекцијата за заштита на класифицирани податоци и до МВР за дообјаснување околу барањето за судска употреба на доказите кои се сметаат за класифицирани информации.

Од СЈО истакнаа дека добиле одговор од УБК да не се декласифицираат доверливите документи, но не добиле и прецизен одговор дали смеат да ги користат во судската постапка како докази.

„Кога е во прашање Специјалното јавно обвинителство, на изненадувањата од правен аспект им нема крај. Слушнавме дека трипати ургирале Судот да ја преземе нивната работа, да им објасни како да постапат по решението со кое минатиот пат беа задолжени да извршат декласификација на доказите за кои тоа според закон е задолжително“, истакна Никола Додевски, адвокат на обвинетите во случајот „Тврдина 2“.

На подготвителното рочиште беше утврдено дека еден од адвокатите на обвинетите нема безбедносен сертификат, што значи дека доколку не го набави, нема да може да изврши увид во доказите кои се сметаат за класифицирани.