/ Прочитано:

1.521

Одлука на Врховниот суд на Велика Британија: Парламентот мора да гласа за отпочнување на процесот за Брегзит

Одлуката, која беше поддржана од страна на осум судии од вкупно единаесет, ја прочита  претседателот на Врховниот суд, Дејвид Нојбергер, кој нагласи дека премиерката Тереза Меј не може да започне разговори со Унијата сè додека не добие дозвола за тоа од пратениците и дека Владата на Велика Британија има право самостојно да ги менува договорите, но не и оние договори кои влијаат врз правата на граѓаните.

Брегзит судија 1

Врховниот суд на Велика Британија денеска одлучи: „Премиерката Тереза Меј не може самостојно да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, со кој би започнал процесот на излегување на Велика Британија од Европската Унија, односно за тоа ќе биде потребна согласност од Парламентот на Велика Британија.

Одлуката, која беше поддржана од страна на осум судии од вкупно единаесет, ја прочита  претседателот на Врховниот суд, Дејвид Нојбергер, кој нагласи дека премиерката Тереза Меј не може да започне разговори со Унијата сè додека не добие дозвола за тоа од пратениците и дека Владата на Велика Британија има право самостојно да ги менува договорите, но не и оние договори кои влијаат врз правата на граѓаните.

Џина Милер, која ја поднесе тужбата до Врховниот суд, веднаш по донесувањето на одлуката изјави дека таа и нејзиниот тим се задоволни бидејќи, како што рече, пред да се активира членот 50 од Лисабонскиот договор, Парламентот како суверена институција треба да дебатира на темата Брегзит, а потоа пратениците да се изјаснат за ова прашање.

„Ова е едно од суштинските прашања во историјата на Велика Британија, поради што сметам дека треба да се разговара за секоја точка од процесот на излегување на Британија од ЕУ и тоа внатре во институциите, односно во Парламентот. Не станува збор за политика, туку за процес“ изјави Милер.

Истовремено, јавниот обвинител Џереми Рајт нагласи дека Владата е разочарана од одлуката, но дека ќе стори сè за да ја спроведе одлуката на Врховниот суд, и додаде дека Британците гласаа за напуштање на Европската Унија и дека Владата ќе ја исполни нивната желба, односно дека ќе го активира членот 50, како што е планирано, до крајот на март.

„Денешната одлука на Врховниот суд нема да промени ништо. Имаме среќа што живееме во земја каде што секоја индивидуа, секоја организација, па дури и  Владата е предмет на владеењето на правото. Судот беше многу јасен во текот на сослушувањето на овој случај, а тоа е дека не зазема став дали Велика Британија треба да ја напушти ЕУ или не, туку само заклучи дека за активирање на членот 50 мора да се гласа во Парламентот. Народот на референдум веќе ја донесе одлуката и дефинитивно реализацијата на таа одлука ќе биде политичко, а не правно прашање“, изјави Рајт.

Инаку, до крајот на оваа недела се очекува премиерката Тереза Меј да го претстави нацрт-законот со кој ќе се активира процедурата по членот 50 од Лисабонскиот договор за излегување на Велика Британија од Европската Унија.

А. Б.