/ Прочитано:

1.327

„Одлуката на Уставниот суд е скандалозна и противуставна“ – Стамен Филипов

Одлуката на Уставниот суд зад затворени врати да се одлучува за Законот за помилување е скандалозна и противуставна, вели познатиот македонски правник Стамен Филипов.

akad 2

Откако минатата недела го најави дневниот ред на следната седница, на која ќе биде ставен и Предлог за одлучување, со нацрт-одлука по предметот оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за помилување, Уставниот суд неделава ја затвори седницата за јавноста.

„Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за 7-та седница на Уставниот суд на Република Македонија, закажана за 16.3.2016 година, со почеток во 9:00 часот – ЈАВНОСТА НА СЕДНИЦАТА Е ИСКЛУЧЕНА“, стои на веб-страницата на Уставниот суд.

„Ова е невиден преседан и скандалозна одлука на Уставниот суд да одлучува зад затворени врати. Уставниот суд кој треба да работи транспарентно во интерес на граѓаните да се плаши од камери и новинари! Тоа е невидено. Покрај тоа што е скандалозно, тоа е и противуставно, таквата одлука нема основа ниту во Уставот, ниту во Деловникот на Судот. Ова значи дека ние немаме повеќе Уставен суд, туку некаква приватна институција“, вели Филипов.

Филипов реагираше и пред две години

Стамен Филипов уште пред две години предупреди дека воведувањето практика за исклучување на медиумите и снимањето од седниците на Уставниот суд нема никаква правна основа и е преседан спротивен на Уставот на Република Македонија кој ќе се претвори во „штетно правило“.

„Исклучувањето на јавноста, односно телевизиите од седниците на Уставниот суд нема никаков правен основ, потреба и логика. Ова го говорам и го поткрепувам и од причини што јас како подносител на бројни иницијативи не сум доживеал ваква ситуација, посебно ако го земам фактот што упатува кон една традиција на отвореноста на Уставниот суд, а тоа е дека во 1993 година по мојата прва иницијатива е одржана подговтвителна седница на која присуствуваа новинари и заинтересирана јавност. Никогаш немало такво нешто“, истакна тогаш за Академик, Стамен  Филипов.

Стамен Филипов: Одлуката на Уставниот суд за исклучување на јавноста е невиден преседан – спротивен на Уставот!

М.В