/ Прочитано:

6.989

Одлуката за утврдување распоред на работното време на администрацијата објавена во „Службен весник на РМ“

Распоредот на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа се утврдува со почеток на работното време помеѓу 7:30 и 8:30 часот и завршеток на истото помеѓу 15:30 и 16:30 часот, а со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа. Одредени институции ќе работат двосменски и тоа од 07:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 08:00 до 16:00 часот.

„Службен весник на Република Македонија“ ја објави Одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа.  

Член 1

Распоредот на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа се утврдува со почеток на работното време помеѓу 7:30 и 8:30 часот и завршеток на истото помеѓу 15:30 и 16:30 часот, а со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа. Од распоредот на работното време утврден во ставот 1 на овој член се изземаат Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење матични книги,  Министерството за внатрешни работи – подрачните отсеци во Секторот за управно -надзорни работи во Одделот за граѓански работи и Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана за региони, во состав на Секторот за цивилно-воена соработка со регионални центри за одбрана, чие работно време ќе се одвива двосменски од 07:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 08:00 до 16:00 часот. Од распоредот на работното време утврден во ставот 1 на овој член се изземаат Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Државниот инспекторат за техничка инспекција, чие работно време  во рамките на 40-часовна работна недела  ќе се одвива од понеделник до сабота од 08:30 до 16:30 часот, а слободен ден ќе се користи во текот на работната недела.

Член 2

Паузата во текот на дневното работно време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа од член 1 ставови 1 и 3 од оваа одлука ќе се користи од 12:00 часот до 12:30 часот, во вкупно времетраење од 30 минути. Во органите на државната управа од член 1 став 2 од оваа одлука, паузата во прва смена ќе се користи од 10:00 до 10:30 часот, а во втора смена од 17:00 до 17:30 часот.  

Член 3

Со денот на отпочнувањето на примената на оваа одлука, престанува да важи Одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 108/06 и 88/14).   

Член 4

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 1 септември 2017 година.