/ Прочитано:

604

Официјална посета на министерот Јашари на Министерството за правда на Албанија

Вторник, 21 април 2015 – Министерот за правда Аднан Јашари на покана на албанскиот колега Насип Начо вчера престојуваше во еднодневна официјална посета на Р. Албанија.

„Убеден сум дека и двете влади имаат волја заеднички да се решаваат заедничките проблеми. Зајакнувањето на правните системи, како и зголемувањето на ефикасноста на правосудниот систем, ќе придонесе да се достигнат меѓународните стандарди за двете земји“, рече Јашари, кој исто така додаде дека Албанија и Македонија имаат и заеднички предизвик да се соочат со организираниот криминал.

 На прашање во врска со екстрадициите, министерот Јашари истакна дека Владата на Република Албанија и Владата на Република Македонија имаат потпишано три договори за соработка, од кои еден се однесува на екстрадициите.

„Дозволете ми да истакнам дека договорите со Албанија се реализирани во целост. Можам да додадам дека екстрадициите се реализираат успешно од Албанија во Македонија и обратно“, истакна Јашари.

 Средбата во Албанија е продолжение на средбата што се одржа во Министерството за правда на Р. Македонија во декември минатата година. Министрите на средбата се договорија да ја интензивираат соработката во правосудниот систем.

Министерот Јашари оствари средба и со јавниот обвинител Адриатик Лала.