/ Прочитано:

2.976

„Охрид СОС“: Изградбата на хотелот во Лагадин ќе остави еколошки последици врз Охридското Езеро    

Според еколошкото движење „Охрид СОС“, прекршен е чл. 62 а од Законот за градење, во кој стои дека одобрението за градба треба да биде објавено јавно во рок од 3 дена од негово издавање, а одобрението е првпат објавено на 6 декември, односно 15 дена по издавањето на 21 ноември. Прекршен е чл. 8 од Правилникот за издавање одобрение за градба бидејќи ниту еден од мештаните не е известен писмено, лично или во сандаче. Одобрението за градба е издадено во заштитен појас и е директно прекршување на чл. 131 од Законот за води, според кој не смее да се гради траен објект на 50 м од брегот. Висината на објектот ја надминува дозволената висина и катност за градби во прва линија од 10,5 метри. Од своја страна пак, Општината Охрид тврди дека одобрението за градење на хотелот во Лагадин е издадено во законски пропишана процедура, со прибавување на сите потребни документи во согласност со Законот за градење.

Охридско Езеро

Бројот на граѓаните кои се потпишуваат на онлајн петицијата во која се бара да се повлече решението за изградба на хотел во непосредна близина на Охридското Езеро од час во час сè повеќе се зголемува. Иако иницијативата ја покренаа жители од селото Лагадин, каде што се гради објектот, петицијата ја потпишуваат граѓани од цела Македонија. Тие велат дека изградбата на шесткатниот хотел е последната капка во целосното уништување на природното и културното наследство на Македонија.

Граѓаните објаснуваат дека сите досегашни активности околу целото охридско крајбрежје можат да имаат негативно влијание врз биодиверзитетот на Охридското Езеро.

„Тоа што посебно загрижува е што голем број од активностите се косат со одредбите што ги пропишуваат Законот за заштита на природата и Законот за заштита на културното наследство. Со години бараме да се решат најгорливите проблеми кои се однесуваат на собирање на сметот, проблемите поврзани со уличното осветлување, со патната сигнализација, нешто што е од елементарно значење за нормално функционирање на жителите од ова охридско село, но за Општината како да не постоиме. Нашите барања за овие работи со години стојат во некоја фиока во Општината, а некој добива дозвола за градење и тоа за градење хотел за помалку од еден месец. Не може веќе вака. Се обидовме да спречиме многу активности за кои имаше незаконски решенија и успеавме во тоа, па верувајте ќе одиме докрај и ќе ја спречиме и оваа нелегална активност“, велат во заедничка изјава жители на Лагадин и сопственици на викенд-куќи во Лагадин.   

Активистката за заштита на природните убавини и поранешна претседателка на месната заедница Лагадин, познатата македонска алпинистка Илина Арсова вели дека пред започнување на градежните активности околу изградбата на хотелот Општината Охрид направила сериозни пропусти и прекршила повеќе членови од неколку закони.  

Прекршен е чл. 62 а од Законот за градење, во кој стои дека одобрението за градба треба да биде објавено јавно во рок од 3 дена од негово издавање, а одобрението е првпат објавено на 6 декември, односно 15 дена по издавањето на 21 ноември. Прекршен е чл. 8 од Правилникот за издавање одобрение за градба бидејќи ниту еден од мештаните не е известен писмено, лично или во сандаче. Одобрението за градба е издадено во заштитен појас и е директно прекршување на чл. 131 од Законот за води, според кој не смее да се гради траен објект на 50 м од брегот. Висината на објектот ја надминува дозволената висина и катност за градби во прва линија од 10,5 метри. Она што би го навела како голем пропуст при експресното издавање на одобрението за изградба на хотел во Лагадин е и тоа дека, според одобрението кое го имаме во прилог, одобрената градба има подрум, приземје, 3 ката и покрив, а од досегашната пракса тоа е еквивалентно на 6 ката како оние висококатници кои се изградени на потегот Лагадин – Пештани“, вели Арсова. 

Таа укажува и на проблемот со отпадните води од овој хотел со капацитет, како што вели, поголем од неколку семејни куќи заедно.

„Водоводната мрежа исто така секоја година нè изненадува со катастрофални фекални поплави во езерото, поплавени подруми и слично, и тоа во екот на сезоната, пред очите на толку ценетите странски туристи. Поради сето ова, мештаните на населбата (или по ново село) Лагадин со години се обидуваат да остварат разумна комуникација со надлежните од Општина Охрид, со цел вклучување на мислењето на месното население при донесување битни одлуки за уредување и развивање на населбата, како и при одлуките за стопанисување и уредување на плажите и крајбрежјето. Минатата година беше потпишан приговор против овие развојни проекти за селото (населбата) и плажите на потегот Лагадин, донесени неплански, кој беше потпишан речиси во целост од сите постојани или привремени мештани, сопственици на имот во Лагадин. Исто така од Општината побаравме увид во документација за она што се планира, што би требало да е информација од јавен карактер, на што речиси една година немаме добиено одговор. Немаме добиено одговор ниту на бројни други барања упатени до надлежните во врска со решавање на приоритетни проблеми во населбата. Инсистираме и за одново разгледување на случајот со плажата околу појасот на трски каде што, според најнови сознанија, исто така е започната градежна активност без наше информирање и без наша согласност“, објаснува Арсова. 

Градежните активности, како што информираат од еколошкото движење „Охрид СОС“, се почнати пред два дена, но тие и мештаните не се откажуваат, и бескомпромисно инсистираат на увид во документацијата и во елаборатот со кој се кршат веќе споменатите закони. 

Екологистите предупредуваат дека регионот на Охридското Езеро може да биде тргнат од Листата на светско наследство на УНЕСКО, особено поради фактот дека во почетокот на следната година во Македонија треба да пристигне делегација на оваа организација.

Инаку, УНЕСКО досега неколкупати предупреди дека охридското заштитено подрачје може да го изгуби статусот на светско природно и културно наследство поради низа градежни зафати: изградбата на ски-центар на Галичица, изградбата на експресен пат Охрид – Пештани, како и изградбата на коридорот 8 кој треба да ја поврзе Македонија со Албанија, при што, според проектот, пругата треба да минува токму покрај Охридското Езеро.

Според Општина Охрид, одобрението за градење на хотелот во Лагадин е издадено во законски пропишана процедура, со прибавување на сите потребни документи во согласност со Законот за градење.

„Во конкретниов случај станува збор за општ акт за село Лагадин кој е донесен со Одлука на Советот на Општина Охрид во 2015 година. За општиот акт за село Лагадин добиена е согласност од Министерство за транспорт и врски, добиено е позитивно мислење од Јавното претпријатие за државни патишта, позитивно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање од аспект на заштита на водите, мислење без забелешки од Јавната установа „Национален парк Галичица“, а на 12.5.2015 година Националната комисија на УНЕСКО е известена од страна на Општина Охрид“, велат во Општина Охрид.

А. Б.