/ Прочитано:

701

ОЈО покрена обвинение против Шиповиќ и останатите осомничени во „Претседавач“

Среда, 8 јануари 2014 – Основното јавното обвинителство во петокот покреналo обвинение против 12-мината осомничени во акцијата „Претседавач“, откако минатата недела завршила истрагата, објави „Плусинфо“. 

Кривичниот совет во текот на истрагата притворот им го продолжи притворот на осуммина обвинети меѓу кои е и претседателот на советот на општина Центар, првообвинет во овој случај, Мирослав Шиповиќ. За тројца обвинети беа определени превентивни мерки, а еден од обвинетите ќе се брани од слобода. Тие се товарат за злоупотреба на службената должност и овластување и помагање на истото дело.

Меѓу обвинетите е и братот на Шиповиќ, поранешни членови на Управниот и Надзорниот одбор во А.Д. Машинопромет, вработен УЈП и сопственици на приватни фирми.

Обвинетите треба да одговараат за проневера на 1,3 милиони евра, за сторено кривично дело кое се обвинети дека го направиле во два наврати, во 2008 и 2009 година.

Инаку, утово членови на СДСМ протестираа пред Основниот суд 1 во Скопје барајќи да се укине притворот на претседавачот на Советот, Шиповиќ. На истекот на третиот месец од притворот, СДСМ бара укинување на како што велат: „неоправданата одлука Шиповиќ да се држи во притвор“.

На собирот присуствуваше и градоначлникот на општина Центар Андреј Жерновски кој рече дека тоа што се пред судот не значи дека сакаат да се мешаат во работата на судството. Според Жерновски притворот е неоснован, поготово сега откако истрагата заврши и нема опасност од влијание на сведоците и повторување на делото или бегство.

„Не постои ниту еден елемент за продолжување на притворот. Затоа бараме да се укине притворот и Шиповиќ да се брани од слобода. Со ова ќе може да присуствува на седниците на Советот. Јасно е дека политиката вмеша прсти и не се почитува волјата на жителите на Центар“, изјави Жерновски.