/ Прочитано:

1.500

ОЛЕСНУВАЊЕ НА РАБОТАТА НА СУДОВИТЕ: Централна база на податоци за лицата кои се бараат со потерница

Петок, 14 ноември 2014 – Централна база на податоци за наредби за приведување и за наредби за издавање на потерници би требало да профункционира во судовите низ Македонија најдоцна до Нова година. Софтверот ќе ги интегрира имињата на лицата кои се бараат со потерница и секој судија ќе има прегледност кое лице за кое кривично дело се бара и кој суд во земјава го бара.

Со ова поврзување на судовите во Македонија, ќе се надмине досегашниот проблем што го имаа судовите, кога бараат едно лице за различни кривични дела и се очекува да се поедностави постапката за екстрадиција. Во овој случај, кога лицето ќе биде екстрадирано во земјава него може да му суди само судот кој има распишано потерница за тоа лице, додека другиот суд бара дополнителна согласност од земјата од каде што било екстрадирано лицето.

„Доколку НН лице се бара за кривичното дело убиство од страна на Основниот суд Скопје 1 и се распишува меѓународна потерница и тоа лице се најде во друга држава, кога ќе биде екстрадирано на тоа лице може да му се суди само за конкретното кривично дело и во конкретниот суд кој ја има распишано меѓународната потерница. Доколку се утврди дека за истото лице постојат предмети во Кавадарци  во Велес или во друг суд, тие  судови не можат да постапуваат одма, туку ќе треба да бараат дополнителна согласност од земјата каде што лицето е фатено за да може да се постапува понатаму и за тие кривични дела. Тоа одзема дополнително време. Од тие причини беше неопходно да се спојат сите постапки, односно сите барања во едно барање за екстрадиција за конкретно лице“ објаснува портпаролот на Основниот суд Скопје 1, Дејан Ристовски.

Судиите ќе можат да се информираат дали за некои од обвинетите лица во нивните предмети има издадено наредба за приведување или потерница, дали некое од обвинетите лица за неговите предмети е приведено во друг суд, ќе имаат можност да се погледаат дали приведеното лице се бара во друг суд. Оваа централна база на податоци за наредби за приведување и за наредби за издавање на потерници би требало да профункционира најдоцна до Нова година, а периодот дотогаш ќе биде пробен период, во којшто судиите и службениците ќе даваат забелешки за надградба на системот. Системот е инициран од страна на Основниот суд Скопје 1, а е финансиран од програмата ан УСАИД. Еду софт е компанијата којашто го изведе системот.

Во моментов течат 505 интерни и меѓународни потерници.